Грција и Северна Македонија-најдобрата опција
Тоа што го договорија Ципрас и Заев може да се покаже како најдобра опција за Грција. Во прилог на ова тврдење ќе ја раскажам оваа моја епизода.
Кога во 2003 ми се врачуваше Интербалканската награда за книжевност, новинарите од четири телевизии ме опседнаа со прашања: како може Грција да доделува награда на литература што не ја признава, на јазик што не го признава…Бев предизвикан на извесна дрскост, да изјавам дека Грција ги признава и јазикот и литературата штом ја доделила наградата – но дека тие не се благовремено известени.
И, свесен дека министерот за култура, Евангелос Венизелос, човек со светска култура, би можел при врачување на наградата малку да забега, благовремено го известив директорот на Интербалканскиот комитет, дека ќе следува моја остра реплика, доколку бидам третиран како лауреат од ФИРОМ и слично. Наградата ја финансира Европската Унија.
Толку безболно се снајде Венизелос – што публиката му аплаудираше. Во својот говор тој двапати рече: “Лауреатот ни доаѓа од Северната Македонска Демократија”.
На коктелот што следуваше најмалку десетина грчки новинари ми се обраќаа на мојот мајчин јазик- македонскиот. Имам силно чувство дека тие набрзо ќе оладат по ова прашање. Освен митологијата тие немаат друго оружје по ова прашање, додека ние имаме фонд поголем од 70.000 книги на убав македонски јазик. Кај нив ќе превлада трговскиот дух, додека кај нас едно големо отрезнување…Да имавме поголемо дипломатско искуство ова прашање ќе беше совладано одамна. И немаше да боли…
Фејсбук статус на Божин Павловски