СРПСКИТЕ ВЛАСТИ МОЛЧАТ ЗА ПОСТАВУВАЊЕТО НА ОГРАДАТА НА ГРАНИЦАТА СО С. МАКЕДОНИЈА
Иако во медиумите и на социјалните мрежи се појавија информации, пропратени со фотографии дека започнало поставување на жичана ограда на границата меѓу Србија и Северна Македонија кај Прешево, надлежните органи во Србија сè уште молчат.
Според Радио Слободна Европа (РСЕ), која се повикала на информации од локалната самоуправа во Прешево, оградата треба да спречи евентуални масовни нелегални гранични премини.
Шчиприм Арифи, претседател на општината во Прешево, за „РСЕ“ изјавил дека изградбата на жичаната ограда е дел од договорот со Европската унија (ЕУ).
На прашањето на српските медиуми дали пишувањата на Радио Слободна Европа, се точни, Комесаријатот за бегалци и миграција при Република Србија ги упатил кон граничната полиција, наведувајќи дека ова прашање е во нивна надлежност. Сепак ниту од српското Министерство за внатрешни работи не одговориле на ова прашање.
Македонските власти, пак, тврдат дека поставувањето жичана ограда е на територијата на Република Србија, не и на територијата на нашата држава
Од МВР за ова прашање за повеќе информации упатуваат на Амбасадата на Република Србија во Скопје.
Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонро, изјави дека Брисел им дава значителна финансиска и техничка помош на партнерите од Западен Балкан кога станува збор за управување со миграциите, а за таа цел во 2015 година издвои повеќе од 100 милиони евра за Србија.
„Сепак, тоа финансирање не вклучува изградба на огради, кои, како што беше погрешно објавено, не се дел од ниеден договор со ЕУ“, истакна Писонеро.