Видео: Ќе претрпи ли кодот МК-промена на некои од македонските трговски марки

Македонските бизниси не треба да стравуваат за своите производи и трговските марки по договорот од Преспа, уверува професорот Ѓорѓи Филипов.

Вели, политичките причини поради кои се забрануваа или не се признаваат македонските производи во ЕУ, сега со преспанскиот договор веќе се надминати.

Додека нашите бизнисмени се смирени, кај соседите има вознемиреност, како кај бизнисмените, така и кај политичарите.

Вчера лидерот на Нова демократија Мицотакис на јавен настап изрази загриженост за трговските ознаки за производите од Северна Грција. Кажа дека стотици бизниси кои го користат терминот „Македонија“ во нивните производи, се незаштитени.

И грчките весници пишуваат како грчките бизнисмени се загрижени за судбината на трговските имиња, Бараат од владата да го брани правото на грчките бизниси. Пишуваат дека претставници од деловните оператори им алармираат навреме да ги заштитат.

Професорот Ѓорѓи Филипов во својот научен труд  „интелектуалната сопственост на македонската и грчките компании и спогодбата од преспа – импликации“ пишува дека наша предност е тоа што сме потписници на Лисабонскиот договор за географски ознаки.

Според Преспанскиот договор, оваа година треба да биде формирана, меѓународна комисија која има рок до 2022та, да решава по ова прашање. 

Комисиите треба да поднесуваат извештај еднаш годишно пред владите, да ги известат до каде стигнале.

Кој ќе биде претставникот на Македонија во таа Комисија, дали Владата веќе започна со подготовки, се уште нема никакви информации.

Translate »