Фетаи побара затворски казни за Мијалков, Тачи и останатите обвинети во „Титаник 2“

На денешото рочиште за случајот „Титаник 2“, обвинителката Фатиме Фетаи ги презентираше завршните зборови, при што бараше осудителна пресуда за обвинетите.

„Во текот на доказната постапка произлегоа докажани факти кои укажуваат на вина на обвинетите“, истакна обвинителката Фетаи, која додаде дека се докажало умислено влијание од Сашо Мијалков, умислено потикнување од Мендух Тачи на членот на ДИК, Бедрадин Ибраими, како и незаконско постапувањ на членовите на ДИК, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.

Обвинителката Фетаи истакна дека поништувањето на изборите резултати на три избирачки места во Струмица, од страна на ДИК, било направено по егзакна пресметка на ВМРО-ДПМНЕ, а со цел да се повторат изборите во овие места.

-Кога виделе дека ги изгубиле изборите во Струмица, од ВМРО-ДПМНЕ ги впрегнале сите логистички капацитети. Со својата моќ и реално влијание Мијалков, како прв човек на УБК, стапил во контакт со Тачи, кој пак му рекол на Бедредин да гласа за поништување на изборните резултати на три избирачки места, а за возврат на поништување на изборни гласови во Чаир, а во корист на ДПА, истакна Фетаи.

Обвинителката Фетаи заклучи дека со гласањето од страна на членовите на ДИК за поништување на изборите, бил извршен кривично-правен атак на Избирачкиот систем.

-Членовите на ДИК, не се однесувале како државни функционери, туку флагрантно го кршеле Изборниот Законик и се грижеле за партиски цели, рече Фетаи.

Таа во завршниот збор истакна и дека ДИК била првата брана, која од ВМРО-ДПМНЕ ја срушиле со два телефонски повици, а втората брана, Управниот суд, не морале да ја рушат, бидејќи судиите самите знаеле како да постапуваат. Тука се повика и на тефтерчето на екс министерката Гордана Јанкулоска, за избор на судии, создадено со помош на Мијалков.

-За жал судот одлучи дека судиите имале имунитет и не може кривично да се гонат, рече Фетаи.

Translate »