Активистите и синдикатите апелираат да не се повтори старата грешка, парите од државната помош да ги добијат работниците, а не фирмите!
Апелите и предупредувањата од граѓанските здруженија и синдикатите не беа сериозно сфатени од страна на власта, па затоа се случија голем број злоупотреби обвинуваат активистите.
Кристина Ампева од Гласен Текстилец вели дека таа апелот до властите го упатила уште во март лани, парите од државата за помош на работниците да им биде исплатена на нивните сметки, а не на фирмите. Позагрижувачки според неа е тоа што сеуште нема конкретна разврска на некој од случаите поврзани со оваа проблематика. Дополнително списоците на кои беа фирмите кои не ги префрлија парите на работниците не е никаква сатисфакција за оштетените работници, туку тоа е само доказ дека газдите не се плашат од институциите и законите, вели Ампева и додава дека за тоа треба да се запрашаат властите како ќе постапат сега во новиот пакет на мерки.
„И повторно да упатиме апел како здружение кое даваше докази за злоупотреби, даваше конкретни предлози за мерките, уредбите и препораките, праќаше преставки и даваше правна помош на вработени сиот овој период, дека бројот на фирми кои злоупотребија државна помош е далеку поголем од оној кој се прикажува во јавноста. Бидејќи и исплата на 30, 50 или 70% од плата наместо минималната, е исто злоупотреба на државните (народни) пари. Следиме голем дел од фирмите кои ги направија ваквите злоупотреби уште од првиот сет на мерки, но нема разврска. Управата за јавни приходи досега нема реагирано во тие случаи, иако ги имаат информациите, пријавите од нас, а и од Државниот трудов инспекторат. Затоа финансиите треба да бидат кај вработените, на нивните сметки, а УЈП да ги санкционира сите оние кои ги оштетија вработените и државниот буџет. Ние располагаме со закони, институции, механизми за заштита од злоупотреби, но оваа криза и сите овие скандали ни докажаа дека не ги користиме доволно и владее неказнивост и неажурност“, вели Кристина Ампева од здружението „Гласен текстилец“.
Со идентичен став излезе и Сојузот на синдикатите на Македонија од каде побараа од Владата, во рамките на најавениот петти пакет антикризни ковид мерки, да се обезбедат пари и поддршка за компаниите кои нема да можат да ги обавуваат деловните потфати заради болеста или ќе ги обавуваат со значително намален обем, првенствено и исклучиво за обезбедување средства за плата на работниците.
„ССМ бара субвенционирањето на плата како мерка да продолжи онаму каде што производството е намалено како што тоа е утврдено и со четвртиот пакет на мерки, но да се исплаќа директно на сметките на работниците што се покажа како повеќе од потребно поради повторната злоупотреба на средствата од финансиската поддршка за исплата на платите на работниците обезбедена од Владата, со оглед на тоа што и по 5-ти пат, газди оставија работници без никаква егзистенција, а за тоа земаа средства од државата“, велат од ССМ.
За случај злоупотреба на државните пари од страна на дел од фирмите кои не ги исплатија на своите вработени, Јавното обвинителство отвори постапка, но веќе неколку месеци нема подетална информација до каде е случајот.
„Предметот е во предистражна постапка, предметниот обвинител од надлежните институции побара дополнителни информации што се неопходни за донесување на јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“, велат од Јавното обвинителство.
Веднаш по информациите на властите дека дел од работодавачите ги злоупотребија државните пари наменети за плати, организациите на работодавачите и стопанските комори ги осудија несовесните газди и побараа најостри санкции поради таквиот потег.
Инаку, првичниот список на фирми беше објавен со 708 компании кои си ги задржале парите наместо да ги префрлат на работниците, но потоа по притисок на јавноста повеќе од половина ги префрлиле парите на сметките на работниците. Останаа 243 фирми на кои им се подготвува кривична одговорност и забрана за учество за добивање помош од државата во следните мерки.