Што предвидува Законот за употреба на јазиците?

 Со законот се предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, (албански јазик).

– Во институциите од член 1 став (3) од овој закон  на државната власт во Република Македонија службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо е и јазикот кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо во: комуникацијата, употребата и примената во сите постапки на граѓаните пред сите органи кои што ја сочинуваат државната власт (Собрание на Република Македонија, Претседател на Република Македонија, Влада на Република Македонија, судство, јавно обвинителство), Уставен суд на Република Македонија, Народен правобранител на Република Македонија, во изборниот процес, образованието, науката, здравството, културата, при примената на полициските овластувања, во радиодифузната дејност, нотаријатот, извршувањето, инфраструктурните објекти, матичната евиденција, личните документи, финансиите, економијата, како и во други области, се вели во образложението на овој закон.

Целта е според предлагачите, на граѓаните да им се овозможи користење, употреба и примена на службени јазици и нивните писма  во судските, управните, извршните постапки, предистражните и истражните постапки, кривичните и прекршочните постапки, парничните и вонпарничните постапки, постапката за извршување на санкции, како и другите постапки предвидени со други закони, судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции.

Законот ја регулира и употребата на јазикот за функционерите ако се во институции чие седиште е во Скопје или општини во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик. Тоа се однесува на Скопје и на оние општини каде најмалку 20 %од населението зборува различен јазик.

Тие во службената комуникација ќе можат да го употребуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните и неговото писмо, доколку најмалку еден од нив зборува службен јазик различен од македонскиот јазик.

Исто така  пратеник, избран или именуван функционер кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија на седница на Собранието на Република Македонија и на седници на работните тела може да зборува и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти. Пратеник, кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија кога претседава со седница на собрание или седници на работни тела, согласно законот ќе може да ги води на тој јазик.

Законот предвидува и за  седниците на Владата, на комисиите, како и за генералните колегиуми, доколку со нив претседава избран или именуван функционер кој зборува јазик различен од македонскиот јазик,а кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, ќе може да ги води на тој јазик и писмо.

Стенограмите од седница на Собранието на Република Македонија и од седници на работни тела,  како и од другите материјали и документи се издаваат и се чуваат на македонски јазик и неговото писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

Институциите се обврзани по службена должност да обезбедат употребата, комуникацијата и постапките да се одвиваат на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо доколку лицето, односно учесникот зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија.

Сите одлуки и други акти, како и легитимациите кои произлегуваат од надлежноста на наведените институции опфатени со законот се на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо доколку лицето, односно учесникот зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија.

Исто така, веб страниците на институциите и содржината на веб страниците покрај на македонскиот јазик и неговото писмо, задолжително ќе се објавуваат и на јазикот различен од македонскиот јазик кој го зборуваат најмалку 20 од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

Називите на институциите како и сите други институции и нивните подрачни единици во единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик и во Скопје, ќе бидат напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на албански јазик. Називите ќе бидат со иста големина и фонт, при што називот на македонски јазик и писмо ќе биде напишан прв.

Парите ќе имаат симболи од културното наследство на Македонците и Албанците

Книжните и кованите пари, како и поштенските марки, согласно законот, ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и на албанскиот јазик. Истото важи и за поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи издадени од институциите, фактурите, бандеролите.

Во судските, управните, извршните постапки, постапка за извршување на санкции, предистражни и истражни постапки, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарнични постапки, како и другите постапки пред судовите, јавните обвинителства како и сите други органи, тела и институции, се применуваат македонскиот јазик и албанскиот јазик. Во постапките пред нотар, нотарските исправи и заверки ќе се издаваат на македонски јазик и на албански јазик.

Униформите ќе бидат двојазични

Униформите на полицијата, пожарникарството и здравството во Скопје и во општините каде живеат 20 проценти Албанци, исто така ќе бидат двојазични.

 Законските одредби предвидуваат за граѓаните кои зборуваат јазик различен од македонскиот јазик што го зборуваат помалку од 20 проценти од граѓаните на Република Македонија, образецот на личната карта да се печати и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот.

На граѓаните кои зборуваат јазик различен од македонскиот јазик што го зборуваат помалку од 20 проценти од граѓаните на Република Македонија, на нивно лично барање, податоците за личното име што се внесуваат на личната карта и во пасошот или патниот се запишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот.

Седниците на Државната изборна комисија и општинските изборни комисии во Скопје и единиците на локална самоуправа во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, при спроведување на изборите во работата и постапките на сите комисии и други тела и институции подеднакво се користат, употребуваат и применуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните и неговото писмо.

Имиња на улици, плоштади, мостови 

Име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект во сите единици на локалната самоуправа каде што најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, како и во Скопје се пишува на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните и неговото писмо како и на јазиците што се општо прифатени од меѓународната заедница.

На граничните премини на Република Македонија и аеродромите кои се наоѓаат на подрачјата каде најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик називите на институциите, другите натписи и патокази се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните и неговото писмо.

Како што се вели во образложението на законот, за негово остварување и спроведување се основа „Агенција за примена на јазикот“ надлежна за стандардизирање и воедначена употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните со помошни тела за поддршка на институциите. Освен тоа, се предвидува и формирање Инспекторат за употреба на јазиците во состав на Министерството за правда.

Во предлог-законот, кој е со европско знаменце, предвидена е глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра за органите како и сите други институции за непочитување на одредбите од овој закон. Глоба во износ од 30 проценти од одмерената глоба ќе му се изрече на службеното лице и одговорното лице за непочитување на Законот.

По усвојувањето на законот од страна на Собранието на Република Македонија, истиот ќе биде доставен на мислење до Венецијанската комисија заедно со спорните одредби кои се однесуваат на употребата на албанскиот јазик на монети и хартии од вредност, како и на униформата на армија

http://www.pravda.gov.mk/documents/Predlog%20Zakon%20za%20upotreba%20na%20jazicite%20so%20obrazlozenie%20%281%29.pdf.

 


Translate »