Божиновски: Судијата зад голот мораше подобро да ја процени ситуацијата!

Дербито меѓу екипите на Шкендија и Вардар повторно имаше една спорна ситуација, во која не беше признат чист гол на Вардар, при предност на тетовчани. Дуелот заврши со победа на шампионот, а коментар за целата ситуација даде претседателот на Судиската организација при Фудбалската федерација на Македонија, Емил Божиновски.

Како и на секое дерби, така и на ова, имаше пет судии на теренот. Најдовски успеа да постигне вистински гол-убавец од 40 метри, со помош на пречката, но откако топката излезе од голот, судиите проценија дека истата не ја минала линијата. Но, на снимките се гледа нешто сосема друго…

Божиновски во изјава за Gol.mk вели дека ситуацијата морало да ја реши судијата кој е зад голот, во случајов Дарко Стојчевски и потенцира дека се морало да биде подобро проценето од негова страна, со оглед на тоа што главниот судија Димитар Мечкаровски и линискиот судија биле далеку од голот.

„Ние како ФФМ направивме се во случајов, имаше петти судија зад голот. А, зошто тој не го проценил тоа, не е јасно. Негово оправдување можеби е дека е силен ударот на Најдовски, но за тоа ги ставаме судиите и затоа држиме едукација, за тие да може да ги проценуваат овие моменти на натпреварите. Секаде низ Европа се случуваат вакви ситуации, како низ првенствата, така и во Лигата на шампионите и Лига Европа, но ние затоа имаме поставено судии позади гол и проценката мораше да биде подобра“, изјави Божиновски.

Следно се чека состанокот на судиите, на кои ќе бидат оценети арбитрите кои судеа во претстојното коло. За очекување е Стојчевски да добие слаба оценка и да подлежи на санкции од страна на ФФМ.

Шкендија победи во дербито со минималец и сега има осум бода повеќе во однос на второпласираниот Вардар.

Translate »