Расте извозот на сувомеснати производи од Македонија!
Зголемен извоз на сувомесни производи, намалување на увозот, поголема
искористеност на домашните капацитети, како и пад на цената на дел од
домашните сувомесни производи, е резултатот од воведената мерка минатата
година за намалување на царината за увоз на смрзнато месо за
преработка.
Ова беше соопштено денеска по средбата на вицепремиерот за економски
прашања Кочо Анѓушев, министерот за земјоделство, шумарство и
водостопанство Љупчо Николовски и министерот за економија Крешник
Бектеши со Групацијата за преработувачи на месо и месни производи при
Стопанската комора на Македонија.
“Резултатите покажуваат дека сме донеле мерка каква што била потребна. Извозот на сувомесни производи е зголемен за 41,7%, вкупното производство на сувомеснати производи е зголемено за 6,64 % откако е воведена мерката од 1 јули 2018 година, рече Анѓушев.
Во 2018 година се извезени 2.936.495 килограми сувомеснати производи, а во 2017 година 2.070.904 килограми, што е зголемување од 41,7%, додека увозот лани изнесувал 6.039.749, додека во 2017 бил 6.744.566 килограми, односно е намален за 10,4%
“Од земја увозник станавме земја извозник. Како држава немаме нема друга шанса освен брза индустријализација”, вели Анѓушев.
Мерката беше воведена минатата година со цел да се помогне на преработувачката месна индустрија која имаше проблем и не беше конкурентна, бидејќи суровината што ја користеше имаше царина, а сувомеснатите производи од странство се увезуваа без царина.
Министерот за земјоделство Николовски истакна дека мерката е продолжена до 30 јуни годинава, а таа придонела искористеноста на капацитетите да порасне од 25% на 40%, што пак, од друга страна не го наруши домашното производство.
Царината, како што рече претседателот на Групацијата Гоце Трајчев, пред воведување на мерката била помеѓу 19% и 35%.
“Намалувањето на царините даде резултати и очекувам позитивниот тренд да продолжи. Ова беше делумно ослободување и сегашните резултати не охрабруваат дека може да се зголеми и прошири. Не завршуваме на оваа мерка. Очекуваме да има проширување на повеќе тарифи”, изјавуваат од асоцијацијата.