Постхумно објавена книгата „Соочувања“ на Зоран Тодоровски

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје неодамна ја објави книгата „Соочувања“ на Зоран Тодоровски, која содржи статии, пригодни текстови, научни реферати, промотивни текстови, предговори за публикации, сценарија за историски документарни филмови, интервјуа и слични прилози.

Проф. д-р Зоран Тодоровски (1950-2015), кој беше еден од најпродуктивните македонски истражувачи и автор и приредувач на голем број научни (историографски) публикации, во некои од овие научни и афирмативни, историографски и културолошки прилози изнесува дотогаш помалку познати податоци и сознанија за македонската национална историја, ставови и гледања за одредени историски прашања и личности, а во други, пак, нуди сублимирани текстови од негови научни студии (работени за сценарија и слични потреби и пригоди), кои се извонредни историографски четива за поширок круг читатели. Вредноста и важноста на овие текстови се поголеми ако се има предвид фактот дека Тодоровски беше најактивниот македонски истражувач во балканските архиви во последните три децении и своите текстови ги базираше врз автентични архивски документи, односно во своите научни историографски трудови тој ја изнесуваше историската вистина, потпирајќи се првенствено и исклучиво врз фактографијата, односно врз податоците и сознанијата кои произлегуваа од архивската граѓа до која доаѓаше. Тој беше упорен и темелен истражувач, а темелен и педантен беше и во своите пишани трудови.

Иако тематски, жанровски и методолошки оваа книга е хетерогена, таа претставува една хомогена публицистичко-историографска и научна целина и дава една посеопфатна слика за плодниот научноистражувачки ангажман, односно за научниот профил на авторот.

Во предговорот на книгата проф. д-р Владо Поповски, меѓу другото, за книгата и за местото на Тодоровски во македонската историографија пишува:

„Д-р Зоран Тодоровски, без сомнение, е најзаслужниот историчар во Република Македонија кој ја тематизираше и ја наметна научната расправа за т.н. десница во македонското ослободително движење. На тој начин таа тема, со време, стана редовно присутна во македонската историографија. Со тоа, тој дел од македонското ослободително движење раководено од ВМОРО и ВМРО беше приопштен кон историската меморија на Македонците без, притоа, априори да биде негативно квалификуван како што, обично пред тоа, било чинето. За таквата промена во тематската структура и анализа, д-р Зоран Тодоровски е заслужен не само со тоа што самиот истражил, напишал и објавил туку и со тоа што, како долгогодишен директор на Државниот архив на Република Македонија придонел да бидат прифатени и финансирани бројни проекти за македонското ослободително дело од споменатиот десен блок.

На таков начин многу значајни настани и дејци од македонското ослободително движење и многу раководители на ВМОРО и ВМРО, од редовите на десните структури, се најдоа во истражувањата и содржините на бројни проекти и студии на историската наука и публицистика во Република Македонија. Со тоа, улогата на тие раководители и актери и на од нив придвижените процеси и правци во македонското револуционерно движење од периодот 1908 – 1934 година е оценета пообјективно, покрај другото и поради афирмираниот метод – таа улога да се промислува врз изворна документација и врз принципот sine ira et studio, за што, во тој домен, д-р Зоран Тодоровски има пионерска улога… Имено, тој прв најобемно и систематски почна да користи изворна документација за улогата на раководителите и дејците на десницата во Македонската револуционерна организација во обид таа улога да ја објективизира поврзано со историскиот контекст на условите и настаните…

Д-р Зоран Тодоровски има заслуга како научник кој придонел историографијата во Р. Македонија да стане подинамична, поинтересна и, што е најважно, да стане и да остане отворена кон сите релевантни настани, процеси и актери на македонското ослободително движење кои биле поврзани со борбата и судбината на Македонија“, пишува проф. д-р Владо Поповски.

извор Макфакс

Translate »