Лажен пилот 20 години превезувал патници без дозвола: Бил откриен по оваа грешка на небото над Швајцарија
Пилот кој повеќе од 20 години управувал авиони без дозвола, бил неодамна откриен кога минувајќи низ швајцарскиот воздушен простор извел невообичаени маневри.
Како што пишува британскиот “Mirror”, Вилијам Чендлер во текот на целата своја кариера летал со лажни документи сѐ додека јужноафриканската компанија не му ја одзела пилотската лиценца.
Според пишувањето на јужноафриканските медиуми, компанијата “SAA” ги открила лажните документи додека го истражувала инцидентот кој се случил во ноември минатата година кога авион на лет од Јужна Африка до Франкфурт минувал низ швајцарскиот воздушен простор.
Истрагата покажала дека Чендлер, копилотот на летот кој тогаш управувал со авионот, неколку пати извел чудни маневри.
“Никој не ги разбираше тие маневри. Кога слетаа, веднаш напишаа извештај. Наводно тие маневри предизвикале и проблеми на самиот авион”, изјавил извор запознаен со ситуацијата додавајќи дека компанијата покренала истрага.
Чендлер инаку одбил унапредување во капетан бидејќи тоа би значело дека повторно ќе мора да го полага испитот за летање.