Фатиме Фетаи сака да биде претседател на РМ, а Катица Јанева градоначалник или пратеник

Ако сум жива и здрава, на 50 години сакам да бидам нормален шеф на нормална држава, вели обвинителката од Специјалното јавно обвинителство, Фатиме Фетаи, во емисијата „Трите“ на „А1 он“ за животот и за работата за трите обвинителки Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

– Со ова јас го достигнав врвот на мојата кариера. Сакам на 50 години, бидејќи тогаш сметам дека ќе бидам доволно емотивно стабилна, да бидам, и ќе бидам, ако сум жива и здрава, нормален шеф на нормална држава. И ќе успеам во тоа. Моите блиски мислат дека можам и сега, но за да бидеш татко на државата, не е потребно само да го знаеш законите и да си ја знаеш работата. Мислам дека тоа што мене ми недостига за да бидам на 40 години, кога ќе ги исполнам условите да се биде шеф на држава, е емотивна стабилност. Јас сум тип што бурно реагира. Тоа не е дозволиво за еден шеф на држава, меѓутоа не треба да биде ни како актуелниот – да не отвораш уста 10 години – вели Фетаи.

И специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, во интервјуто изрази политички амбиции, но за градоначалничка или пратеничка фукнција.

– Најпрво се гледам како обвинител, би сакала да продолжам со мојата професија. Имам уште енергија за нови предизвици и се надевам дека уште има што да покажам од моите стручни квалитети. Би сакала да се обидам во политиката, како градоначалник на Гевгелија или пратеник. Се надевам дека дотогаш некои работи и во политичките партии ќе се променат, дека ќе се гледа повеќе на професионалноста. Треба да биде политиката врзана за човекот, а не човекот за политиката – вели Јанева.

Translate »