Силјановска: Ако немаме 40 отсто излезност, ќе направат претседателот да се бира во Собранието
Kандидатката за претседателка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова на вечерашниот митинг пред Владата ги повика граѓаните на масовна излезност на изборите.
-Доаѓа денот кога на гласачките кутии ќе го чујат народниот глас, а тој ќе биде не за нив, да за нас. Направија рај за корупција и криминал. Неколку семејства ја управуваат Македонија. На тоа ќе ставиме крај на 21 април и на петти мај. Гаранцијата за исправност на изборите ќе биде ако гласате во голем број. Гласајте за оние кои носат промени, не заради мене, јас сум реализирана жена. Ама мислам дека ако се нафатив за овој предизвик, тоа е за Македонија. Ако немаме 40 отсто излезност, тогаш ќе го сменат Уставот, тоа за нив не е тешко. Тогаш ќе направат претседателот да се бира во Собранието. Тогаш претседателот ќе се бира со пазар, погодете тогаш кој ќе биде претседател, рече Силјановска.
Извор: Фокус.мк