Kако нашиот суперхерој ја искористи технологијата да нѐ „разбуди“ и едуцира-Горјан Јовановски (Мој воздух)
Технологијата е создадена од луѓето и треба да ни служи за да го олесни секојдневието, да ни заштеди време, да нѐ поврзе….
Но, секогаш има две страни на приказната, па затоа многу често, особено во последно време, слушаме за злоупотреба на технологијата. Сепак, до нас е како ќе ја искористиме. За општо или за лично добро, за надградба на квалитетот на животот или за бескорисно и прекумерно споделување и зависност од интернет?
Кампањата на Македонски Телеком под слоганот „Користи ја технологијата за добро“, ја подигна свеста за разумно и насочено користење на технологијата за добро, односно за свој личен развој или заедничко општествено добро. Нејзината моќност нѐ замисли, нѐ размрда, нѐ разбуди, бидејќи таа ги препознава и ги поддржува добрите страни на технологијата, наспроти она што сè повеќе ни станува реалност – зависноста од нашите паметни телефони.
Еден млад човек, со својата нетолеранција за неправда и програмерски „занает“ во своите раце, успеа преку технологијата да нè извади од комфорната зона, да нѐ освести и поттикне на активизам. Во неговата апликација „Мој воздух“, Македонски Телеком препозна одличен пример за тоа како моќта на технологијата и нејзиното користење за добри цели може да ни ги смени животите, па затоа ја поддржа неговата приказна во надеж за подобра сегашност.
Имено, кога доаѓа зимата, жителите на Македонија, особено во градовите Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Битола и Велес, почнуваат сè почесто да го проверуваат мобилниот телефон и да стравуваат за своето и за здравјето на најблиските.
Горјан Јовановски е креаторот на апликацијата „Мој воздух“ која го покажува моменталното ниво на загаденост на воздухот. Оваа апликација која е преземена повеќе од 100 000 пати, им ги отвори очите на луѓето не само во Македонија туку и на Балканот, ни ја подигна свеста и поттикна активизам од досега невидени размери кај нас. Тој преку големите црвени кругови нѐ едуцираше за токсичноста и значењето на штетните честички кои лебдат во воздухот, без притоа да го монетизира тоа, иако оваа апликација сè уште функционира како главен извор за информирање на граѓаните за загаденоста на воздухот и веќе стана своевиден дел од нашите животи.
Воздухот во многу региони од Македонија е екстремно загаден и штетен по животот. Кога Горјан, по грешка наишол на податоците за загадувањето, среќна околност била тоа што бил програмер и успеал да изработи апликација која ќе нѐ едуцира, информира и без зборови и пропаганда ќе нѐ повика на активизам.
„Воздухот го дишеме сите. Програмери, економисти, музичари, па замислете, дури и политичари, колку и да не веруваат во тоа. Уште од мал сум бил алергичен на неправда, посебно кога некој свесно ја тера. Кога по грешка ги најдов податоците за загадувањето и сфатив колку навистина е голем овој проблем, морав да преземам нешто за да кренам повеќе врева“, изјави тој во негово интервју.
Сето ова не би било возможно ако ја немаме инфраструктура и најдобрата мобилна мрежа која ни овозможува стабилност, сигурност и конективност како никогаш досега. А токму новите комуникациски технологии ги поместија границите на очекувањата, овозможија мобилниот телефон да стане мултифункционална алатка преку која се информираме за многу работи. Комуникациската технологија денес ни овозможува целосно да го искористиме нашиот потенцијал, да направиме нешто добро за себе и за целото општество. Токму таков е примерот со Горјан и апликацијата „Мој воздух“, која ни овозможува да бидеме информирани. Таа е одличен пример за добро користење на технологијата во секојдневието.
Горјан моментално работи во Booking.com, каде што му е одлично! Има завршено додипломски студии на ФИНКИ и постдипломски студии на University of Amsterdam Sоftware Engineering мастер програмата. Сепак, Горјан ја доживува апликацијата „Мој воздух“ како свое дете и непрестајно работи на нејзино усовршување. Моментално е во потрага по тим од неколку програмери за да може „Мој воздух“ што побрзо да се прошири во цела Европа. Негова главна цел е добрите навики да навлезат во општеството, светот за да оди напред. Со оваа апликацијата се овозможува невидливиот проблем со загадувањето да стане поразбирлив за граѓаните, па така со текот на годините многу повеќе луѓе да се вклучат во активизмот, а технологијата да биде доминантен начин за ширење на овие пораки.