ФФМ е спортска институција каде политиката не игра. ФФМ не е партиски штаб!

loading...

Фудбалската федерација на Македонија е голема институција. Со прости зборови кажано „влада во влада“.  Таму не се влегува така лесно. Тоа е тешка машинерија за која и најголемите режими во земјава не успеале да ја урнат.

Секоја нова власт се обидува прстите да ги турне во фудбалскиот мед. Тоа е така затоа што ФИФА и УЕФА ја полнат касата а овдешните партиски војници (и едните и другите..), со голема сласт се настроени  да се дофатат до тие „лесни“ пари. И не е чудно што има опозиција, иницијативи, бојкотирачи… Секој со својот интерес! Било и ќе остане така. Смешно е само тоа што сега памет солат оние кои претходно со деценија беа директно во власта. Оние кои со децении „лапаа“ од касата на ФФМ, вработуваа роднини и пријатели со врски и без огласи, истите тие кои сега го вперуваат прстот кон некои други, кои земаа пари од играчи да играат за репрезентација. Пуста желба за власт, комбинации и пари!

Вчера се случи нова иницијатива. И тие бараат промени во статут како што тоа го направија и клубовите. И новата иницијатива иста како и претходната и доаѓа од истата „матица“. Упорни се и тоа е добро иако на сите треба да им биде јасно. Пред новинарите се појавија Игор Климпер и Миле Спиркоски, но и Бобан Грнчаров и Љубомир Крстевски. Климпер и Спиркоски во прилог на текстот ќе ги потсетиме за случувањата од 2011 година (преговорите со ФИФА и УЕФА на ФФМ со иницијаторите). Во тоа време се појави силната иницијатива на чело со Масар Омерагиќ која ги разбуди службите во УЕФА и ФИФА. Тој делуваше и дома и надвор а не како овие само во државни институции и со ветар во грб од Агенцијата за млади и спорт (АМС). На меѓународните институции им требаше месеци и месеци да видат за хаосот во Македонија и одливот на милионски донации за развој на младинскиот фудбал на швајцарски сметки и “скапани кампови“ во Дојран. Овој статут е ваше дело! Ако сакате да учите треба да учите од таа иницијатива од 2011 година. Така тоа се прави. Со цврсти докази и само со поддршка од УЕФА и ФИФА. Овие кои сега пишуваат дописи до УЕФА и ФИФА се ликови кои зад себе имаат тежок багаж кој е добро познат во Нион и Цирих. Вака на локално ниво ништо не правите. А самите направивте ваков статут за да владеете, а сега барате измени. Точно е дека клубовите треба да одлучуваат! Но тогаш се смеевте кога Вардар немаше делегат (а имаше ФК Ергеле и ФК Трубарево), а за чудо сега се борите за најтрофејниот клуб. Која дрскост и безобразлук. Уште повеќе што Победа преку Миле Спиркоски бара правда а преку ОФС Прилеп има двајца делегати во Собранието на ФФМ преку Гоце Ингилизов и Ирена Јакимоска (двајцата екс претседатели на клубот). Не си ги знаете делегатите а ниту правилата.

Но бурата која треба да се направи за и околу ФФМ има за цел да се оправдаат ветувањата и лажните надежи. Некој ветил, но имаа пенал без голман кој го утнаа и го крунисаа Муамед Сејдини. Колку треба да си тенок за да не го добиеш ФФМ кога под притисок го сменија Илчо Ѓоргиоски. А ја имаа сета власт државна, институционална – секаква.  И сега некој друг им е виновен!? Не знаат како да се помират кога и на самите им е јасно дека:

Нови избори за претседател во ФФМ ќе има во јуни/јули 2021 година.

И пред неколку дена, а и сега пријателски ве советуваме. Спремете добра екипа за 2021 година. Брзо ќе дојде. Сите термини кои ги најавивте дека ќе влезете во ФФМ испаднаа лага. Провидни сте и далеку од вистината и реалноста. Ова не е пазар ова не е партиски штаб. ФФМ е спортска институција каде политиката не игра. Тие што влегоа во валканата игра а ги користат државните институции треба да прашаат и да не веруваат на секого. Тука има посебни правила на игра.

Без УЕФА и ФИФА немате шанси. Муамед Сејдини вчера беше примен во Нион од Александер Чеферин. Зборовите на првиот човек на УЕФА се јасна порака до сите оние кои имаат намера да се мешаат во фудбалот со партиски или државни притисоци.

Ќе кажете и Илчо Ѓоргиоски дојде по наредна на ВМРО ДПМНЕ. Да, така е. Но во тоа време никој не пријави политички притисок. Сите сега се „осоколија“, а каде бевте тогаш!?  Дури и оние кои го срушија Хаџи Ристески како Масар Омерагиќ, немаа храброст да застанат на патот на лавината која јадеше “живи луѓе“ пред себе, пред се на примитивните закани од страна на тогашниот владин врв на чело со премиерот и генералниот секретар. Омерагиќ ја доби битката на сите спортски судови и спортски институции и кога требаше да биде крунисан доби нож во грб од „пријателите“, од двојните играчи кои и ден денеска се активни во нашиот фудбал. Во тоа време партијата ја искористи долгогодишната битка на иницијаторите за да си ги постави своите луѓе на власт во ФФМ. А дел од тие луѓе сега се удираат во гради дека тие биле главни во тоа време па ги лажат сегашниве на власт дека тие знаат се само за да ги ослободат од судските процеси кои се водат против нив. А што знаат тие пустите!? За таа пуста слобода ќе ветат се иако ништо не знаат и не знаеле. Знаеле само да играат нечесно, да забијат нож во грб, да ја користат тогашната власт за закани, за уцени на новинари, за бркања од работа… Тоа било, бидна и да не се повтори! Иако и овие сега се служат со нивните финти, методи и закани. И овие се закануваат со требење на фамилии, убиства… Но да ги потсетиме. Падна еден голем режим што е доказ дека никој не е вечен. Што ќе биде утре!? (е тоа ќе видиме).

Ќе дојде и 2021 година многу брзо. Но до тогаш ќе се појават некои нови „деца“, чисти, успешни и познати по своите големи дела на фудбалскиот терен и надвор од него.

Ако сакате нешто да научите и како треба да се комуницира до УЕФА и ФИФА и како да се бара правдата читајте од дописите кои се во прилог на текстот. Јасно стои таму дека ФИФА и УЕФА со иницијаторите бараат објаснувања од ФФМ. За тоа треба сила и знаење а не продавање „ветар во магла“. Читајте, ќе научите нешто…

Translate »