АБА1 е на дофат: МЗТ како фурија го збриша Задар
МЗТ Скопје е на чекор до експресно враќање во елитното друштво во АБА-лигата, откако македонскиот претставник на првиот бараж натпревар како гостин го совлада тимот на Задар со резултат 83-89. Конечниот резултат не е реална слика за случувањата на теренот, со оглед на фактот дека „металците“ половина натпревар имаа над 20 поени предност, за Задар пред крајот да го ублажи поразот. Во ситуација кога баражот се игра до две добиени средби, „металците“ ќе имаат можност следната седмица на домашен терен да ја потврдат оваа победа и да се вратат назад во АБА1 лигата.
Како пресудно се покажа феноменалното прво полувреме на македонскиот клуб, кој го декласираше хрватскиот претставник. Задар го отвори мечот со прецизна тројка, но „металците“ одговорија со серија од 10-0. Анте Назор побара тајмаут, но не можеше да го запре налетот на својот поранешен клуб, предноста од минута во минута се повеќе се зголемуваше, Вудард и Медфорд погодуваа од далечина, а Иванов рутински реализираше во рекетот. Самарџиски набрзина направи три лични грешки, но тоа не се одрази врз играта на македонскиот тим, кој продолжи да го „меле“ противникот и на одмор замина со 21 поен предност (36-57).
Удобната предност се одржуваше во поголем дел од третата четвртина, па на 13 минути до крајот на мечот избраниците на тренерот Кочов водеа со 24 поени (50-74). И тогаш – дојде до огромен пад во играта на македонскиот вицешампион, предноста од минута во минута се повеќе се топеше, па на помалку од три минути до крајот Задар дојде на само „минус седум“ (76-83). Сепак, МЗТ го запре последниот налет на домашниот тим, умешно го приврши натпреварот и дојде до заслужена победа.