Таравари: Гласовите на Река да не се мешаат со оние на ВМРО-ДПМНЕ

Вистината е дека албанската опозиција ги победи албанските партии во власта, вели за Дојче Веле , генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари

Nord-Mazedonien Präsidentschaftswahlen - Blerim Reka (DW/P. Stojanovski)

Не треба да се мешаат и да се ставаат на ист куп гласовите што ги освои Блерим Река со оние на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, изјави за ДВ актуелниот градоначалник на Гостивар и генерален секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, по оценката на Гордана Сиљановска дека со гласовите на кандидатот Река, опозицијата успеала да обезбеди предност од околу 70.000 гласови.

„Не треба да се мешаат гласовите на таков начин. Вистината е дека албанската опозиција ги победи албанските партии во власта. Ние освоивме двојно повеќе од албанските партии во владината коалиција – двојно повеќе од  ДУИ, ДПА, Алтернатива… Според нашата темелна анализа тие имаат околу 40.000 гласови, вклучувајќи ги и гласовите на Албанците што гласаат за СДСМ“, вели Таравари.

Според него, изборните резултати од првиот круг говорат дека мнозинството од 80.000 опозициски гласови кај Албанците, покажале дека тие не се за консензуален претседателски кандидат.

„Идејата за консензуален кандидат е пропаднат проект. Тој се покажа како неуспешна мисија, а нејзиниот предлагач ДУИ, е партија која на овие избори е целосно делегитимирана. Имаа агресивна кампања, но се покажа дека не им врви зборот во електоратот. Гласачите не им се одзваа. Толку им е силата“, оценува Таравари.

Screenshot Nord-Mazedonien Präsidentschaftswahl (DIK)

Индикативна коалиција во Дебар

Тој смета дека на овие избори се покажало на дело и „старото пријателство на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ“. Тоа неодамна се видело по прашањето за (не)одземање на имунитетот на поранешниот собраниски претседател Трајко Вељаноски, а сега и на локалните избори. Како пример за тоа го посочува изборот на градоначалник на Дебар, единствената од трите општини која на вонредните локални избори доби градоначалник уште во првиот круг. Кандидатот на ДУИ, Хекуран Дука, освои 50,09 отсто од гласовите, односно 4.106 гласови, а неговиот противкандидат Арбен Аголи од Алијанса за Албанците освои 46,77 отсто од гласовите, односно 3.834 гласови.

„Во Дебар се покажа дека функционира коалицијата ВМРО-ДПМНЕ -ДУИ-СДСМ. Само соберете ги гласовите што таму ги освоиле Гордана Сиљановска и Стево Пендаровски, и автоматски ќе ја добиете бројката на гласови со која кандидатот на ДУИ, Хекуран Дука, победи во трката за градоначалник во првиот круг“, вели Таравари.

Повеќе:

Жешки изборни шлаканици и за СДСМ, и за ВМРО-ДПМНЕ

ОБСЕ/ОДИХР: Изборите добро спроведени

И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ прогласија победа

Тој не е сигурен дали во вториот круг ќе се обезбеди неопходниот цензус за успешен изборен процес. Смета дека во иднина решение може да се најде во една од опциите што тие повеќе пати ја посочуваат: на непосредни избори да се избира претседател заедно со заменик-претседател, при што вториот би бил и спикер на парламентот. На тој начин граѓаните би биле помотивирани да излезат на гласање.

Каде ќе одат гласовите на Река?

Партиските органи на Алијанса за  Албанците и Беса деновиве ќе заседаваат и ќе донесат одлука за вториот круг од изборите. Но, според Таравари, остануваат на ставот што го соопшти Блерим Река дека „нема да тргуваат со гласовите, бидејќи тие не се нивни, туку на избирачите“.

На гласовите на Река засега се надеваат и двајцата кандидати кои влегуваат во вториот изборен круг. Гордана Сиљановска се обиде да создаде поблиска врска со тие гласачи уште пред првиот изборен круг.

„Очекувам да влезам во вториот круг. Но, доколку се случи да не влезам, ќе гласам за господинот Река заради стручноста, компетентноста и граѓанската организација“, изјави таа.

По првиот круг, на Фејсбук испрати уште една порака.

„Ми беше чест да учествувам на претседателските избори заедно со колегата Блерим Река. Дискусиите кои ги имавме, и по прашања за кои се сложувавме, како и за оние за кои не се сложувавме, беа на високо ниво и го подигнаа квалитетот на дебатата. Му честитам на освоените гласови и искрено жалам што не влезе во вториот круг“, порача Сиљановска.

Порака испрати и Стево Пендаровски, најавувајќи дека концептот „Општество за сите“ кој води во првиот круг, ќе победи и во вториот.

„Разликата меѓу мене и Сиљановска е огромна. Имам посебна порака до гласачите на Блерим Река. Јас знам дека вие знаете што е најдобро, за нас, за вас и за децата. Прогресивниот концепт напред мора да продолжи, минатото не е опција“, порача Пендаровски.

Translate »