Инцидент во Сплит на поменот на првиот Македонец загинат во војната во Југославија

Транспарентот со натпис „Сашо Гешовски – невина жртва на воените злосторства на Слобо и Фрањо“, доведе до инцидент пред зградата на градската управа во Сплит. Нападнат бил познатиот сплитски активист и член на партијата Нова Левица, Зоран Буриќ, на одбележувањето на 28-годишнината од демонстрациите против окупацијата на ЈНА на Хрватска.

За Алфа телевизија Буриќ го потврди инцидентот, велејќи дека поради желбата да му изразат почит на Македонецот Гешовски, тој и негови пријатели биле нападнати и тепани.

Мојот пријател Марко Гај предложи да донесеме нешто и да направиме комеморација на убиството на Сашо Гешовски. Тој напиша на еден транспарент, всушност на два транспарента- „Сашо Гешовски- Кавадарци- 31.10.1971- Сплит- 06.05.1991- невина жртва на воените злосторници Слобо и Фрањо“. После тоа се случи да скокнат тие збеснати, не знам кои се, националисти или што се некои бранители, суверенисти, кои сме ние тоа Југословени, дека тие се бореле за Југославија. Почнаа нас да не тепаат, влечат, изјави Зоран Буриќ во телефонска изјава за Алфа.

Тој вели дека од полицијата која била во близина, немало никаква реакција.

Тука беше претставник на полицијата, кој воопшто не реагираше, така што вербално и физички не злоставуваа, изјави Буриќ.

Сашо Гешовски е симбол – жртва на бесмисленоста на војната. Тој загина во вооружените судири кои постепено ескалираа во војна во Хрватска, односно во југословенска војна, во која неговата родна Македонија не ни учествуваше.

Гешовски кој бил роден на 31 октомври 1971 година во Кавадарци, од овој свет замина на свои 19 години додека бил на служење на редовниот воен рок.

Шести мај е денот на неговата смрт, кога активистите на Хрватската унија на синдикатите, на чело со Озрен Матијашевиќ и Јуре Шундов организираа големи демонстрации, чија цел била деблокада на хрватското село Киево, кое било под блокада на српски паравоени формации.

Тоа што не знаеме како загина нашиот син уште повеќе нѐ боли:На денешен ден загина Сашко Гешовски

При демонстрациите дошло до насилство, кое ескалирало во кратка престрелка меѓу војниците од ЈНА и припадниците на хрватската полиција, а еден од куршумите завршил во Гешовски.

Се уште останува непознато како загина Сашо. Според едни кажувања тој е убиен од хрватскиот полицаец Иван Врдољак, а според други пак од негов старешина, поручник на ЈНА.

Translate »