Фондацијата „Saint-Gobain Initiatives“и Хабитат Македонија започнуваат реализација на проектот „Реконструкција и енергетска ефикасност на Центарот за помош на лица со ментален хендикеп Порака Неготино”
Скопје, 15 мај 2019г. – Денес, Меѓународната корпорација Фондацијата Saint-Gobain Initiatives со седиште во Франција и Хабитат Македонија, дел од мрежата на Habitat for Humanity International, потпишаа договор за соработка кој вклучува финансиска поддршка за проектот „Реконструкција и енергетска ефикасност на Центарот за помош на лица со ментален хендикеп Порака – Неготино”.
Ова е втора ваква донација на компанијата Saint-Gobain која преку Фондацијата Saint-Gobain Initiatives во рамки на овој проект ќе донира 37.500 евра, а Хабитат Македонија се вклучува со сопствен удел во вредност од 14.000 евра, кои ќе бидат наменети за реконструкција, поставување на енергетски ефикасна фасада, внатрешни поправки и целосно подигање на животните услови во две куќи во кои престојуваат 20 лица со ментален хендикеп кои се деинституционализирани. Со оваа донација и реконструкција директно се поддржуваат напорите на Порака – Неготино да овозможи пристојни животни услови за лицата со ментален хендикеп надвор од институциите, овозможувајќи им полесна интеграција во заедницата, како и можности за самоодржливост и продуктивност на овие лица. Дополнително, подобрувањето на енергетската ефикасност на куќите ќе овозможи и пониски трошоци за електрична енергија на оваа заедница, а воедно ќе придонесе до намалување на емисијата на јаглерод диоксид.
Во рамки на поддршката на Порака – Неготино овој проект предвидува и обезбедување на печатач за текстил и керамика со цел да се поддржи работната терапија и економските активности на 43 корисници, за да можат да продуцираат сопствени средства за поддршка на интегрираното живеење. А во реализацијата на проектот предвидено е и интеграција на младите, односно вклучување на студенти од Универзитетот Св.Кирил и Методиј – Скопје.
„Иновативните решенија на нашата компанија Saint-Gobain, создаваат средини за живеење што го подржуваат комфорот, високиот квалитет на живот и одржливоста како модел за идните генерации да развиваат средини за живеење со висока свесност за животната средина. Веруваме дека придобивките од нашата донација, ќе обезбедат далеку повеќе одржливи и подостоинствени услови за живот за корисниците на Центарот за помош на лица со ментален хендикеп „Порака Неготино“ – изјави Томаш Росак, Главен извршен директор на Saint-Gobain за Источна Европа на официјалната церемонија на потпишување на договорот.
„Хабитат Македонија, како единствена граѓанска организација која ја опфаќа областа на супстандардното домување, во изминативе години е носител на повеќе иницијативи и иновативни решенија за подобрување на енергетската ефикасност и квалитетот на домување во локалната заедница, особено на најранливите групи на граѓани. Проектите се спроведуваат со донатори, општествено одговорни компании од корпоративниот сектор, и особено сме благодарни што веќе по вторпат Фондацијата Saint-Gobain Initiatives во нас препозна партнер со заедничка визија и вредности, и се надевам дека таа соработка ќе продолжи и понатаму.“ – изјави Лиљана Алчева, заменик директор на програмата на Хабитат Македонија.
„Оваа поддршка е од исклучително значење на нашата организација Порака – Неготино, а пред сѐ за нашите корисници – лицата со посебни потреби, кои веќе неколку години ги деинституционализираме преку нивно сместување во станбени заедници. Подобрувањето на условите за живот преку реконструкција и подобра енергетска ефикасност на објектите, секако е од исклучително значење за станарите во овие објекти, а донацијата на печатачот ќе помогне во нивната понатамошна инклузија во заедницата“ – се осврна за значењето на оваа донација Гордана Трајковска, претседател на Порака – Неготино.
Проектот „Реконструкција и енергетска ефикасност на Центарот за помош на лица со ментален хендикеп Порака – Неготино“ се планира да заврши во период од една година, а Saint-Gobain и Хабитат Македонија преку овој проект сакаат да ги зајакнат капацитетите и потенцијалите на ранливите категории, нивната интеграција во локалната заедница, демонстрирајќи огромни залагања во подобрување на условите на живеење, обезбедувајќи енергетска ефикасност, но и поддршка во справувањето со социјалните предизвици и активирање кон самоодржливост на социјално ранливите групи. Соработката на двете институции започна пред две години со првата донација преку реализацијата на проектот за обезбедување на енергетска ефикасност за Здружението на пензионери во Кавадарци.
БЕЛЕШКИ ЗА УРЕДНИЦИТЕ
Saint-Gobain Initiatives Меѓународната Корпоративна Фондација со седиште во Францијасе потпира на посветеноста на вработените. Сите вработени во групацијата – без разлика дали се моментално вработени или во пензија – може да спонзорираат проекти во следните полиња:
- Инклузија на млади во професионалниот живот
- Конструкција, подобрување или реновирање за потребите од општа интерес за социјалниот живот, придонесувајќи посебно кон намалување на потрошувачката на струја и зачувувајќи ја животната средина.
Проектите мора да биде поднесени од непрофитабилна организација во близина на локација на Групацијата.
Фондацијата овозможува финансиска поддршка за проектите во случај да бидат избрани. Исто така, подружниците на Saint-Gobain можат да понудат и поддршка во вид на техничка помош или да донираат материјали. Некои проекти им даваат можност на локалните вработени, кои се инволвирани во здружението да земат учество на волонтерска основа.
Фондацијата беше формирана во 2008 г.
ЗА SAINT-GOBAIN
Saint-Gobain дизајнира, произведува и дистрибуира материјали и решенија кои се клучни за добросостојбата на секој од нас и нашата иднина. Тие можат да се најдат секаде во животната средина и нашето секојдневие: во објектите, транспортот, инфраструктурата и многу индустриски применети области. Тие овозможуваат комфор, перформанси и сигурност додека ги опфаќаат предизвиците на одржливата изведба, ефикасност на ресурсите и климатските промени.
Во 2018 година има остварено 41.8 милијарди евра од продажба
Присутна во 67 земји
Има повеќе од 180,000 вработени
Twitter @saintgobain
ЗА SAINT-GOBAIN Претставништвото во Македонија
Saint-Gobain претставништвото во Македонија е присутно на градежниот пазар во Македонија од 2014 година преку трите брендови Weber, Rigips и Isover.
За Хабитат-Македонија
Здружението за хумано домување Хабитат-Македонија е невладина и непрофитна организација посветена на обезбедување едноставни, пристојни и пристапни решенија за живеалишта на оние што живеат во услови на сиромаштија, без разлика на нивната етничка, полова и религиозна припадност. На тој начин ние им овозможуваме напуштање на условите на сиромашна животна средина и подобрување на квалитетот на нивниот живот. На оваа група лица ние им обезбедуваме експертиза за градба, како и градежни материјали што ќе им овозможи поседување на сопствено живеалиште по отплаќањето на поволниот заем. Исто така, Хабитат Македонија интензивно работи на обезбедување на енергетски ефикасно домување, на интеграција на најранливите групи, како и на обезбедување на подобри услови за домување на сите граѓани преку поддршка на ниво на заедница и секторот домување. Во настојувањето да го збогатиме и подобриме животот нашите партнер – семејства и нивните заедници, сите здружени во оваа мисија сме водени од четири суштински вредности – Посветеност, Почитување, Интегритет и Надзорство (грижа). Од започнувањето на првиот проект во 2005 година, Хабитат Македонија досега преку своите активности има поддржано над 10.000 семејства во Македонија.
www.facebook.com/HFHMacedonia/ , twitter @HFHMacedonia,
За Порака – Неготино
Центарот за помош на лица со ментален хендикеп ПОРАКА НЕГОТИНО започнува со работа од 2003 година настојувајќи да создаде поубав живот за лицата со пречки во менталниот развој. Центарот „Порака” има вкупно 81 корисник кои се деинституционализирани, сместени во вкупно 17 станбени заедници од кои девет во Неготино и осум во Скопје.