Пред 26 години се убиени сараевските Ромео и Јулија
На денешен ден пред 26 години загинаа Бошко Бркиќ и Адмира Исмиќ, пренесе „БХРТ“.
Се запознале во годината на сараевската Олимпијада и заедно биле девет години.
Тоа што Бошко бил Србин, а Адмира, муслиманка од Босна, не им претставувало препрека ниту нив, ниту пак на нивните родители.
Сепак кога почнала војната во 1992 година, родителите на Бошко го напуштиле Сараево, а тој не пошол со нив бидејќи не сакал да ја остави Адмира и верувале дека војната брзо ќе заврши.
За жал, не го дочекале крајот.
Во надеж дека ќе избегаат од Сараево, во мај 1993 година, убиени се со снајпер. Снајперистот прво го погодил Бошко кој веднаш починал, а потоа и Адмира која смртно ранета смогнала сили да се дојде до Бошко, го прегрнала и починала.
Двајцата останале да лежат осум дена на земјата, бидејќи никој не се осмелувал да ги помести од таму.
Фотографијата од Бошко и Адмира го обиколи целиот свет, а „Си-ен-ен“ ги нарече сараевските Ромео и Јулија.
Истрага за убиството на Адмира и Бошко не е водена, а нивниот убиец никогаш не бил откриен.
Групата „Забрањено пушење“ во 2013 година сними песна за нивната љубов.
„Ma kakva Julija, ma kakav Romeo? Nitko se nije tako volio“, гласи дел од песната.