Емотивна средба на Милосављев со семејството

До лани беше анонимен, а од 3 јуни има статус на херој и тоа во шампионско друштво со ѕвезди на кои вели дека им се восхитувал на тв. Требаше да му биде замена на Милиќ, а излезе прв голман и јунак кој му одбрани 12 топки на фаворитот број 1 за титулата и тоа само во прво полувреме.

По завршувањето на големото славје на плоштадот Македонија, еден од последните кои фалеше во автобусот на европскиот шампион беше Дејан Милосављев. Од бина се стрча право накај првиот ред на оградата и се фрли во прегратки.

Таму го чекаше беше неговата фамилија која дојде од Панчево, град на 420 км од Скопје, за да се гордее во живо со него. Дејан не се пушташе од прегратката од неговата мајка, а меѓу другите беа и татко му, како и неговата сопруга. Кај сите имаше солзи во очите од возбуда.

„Не би рекол на почеток од сезоната дека ова ќе го постигневме, дека ќе бидам голман на турнирот и да освојам ЛШ. Во Скопје дојдов како резерва за Страхиња Милиќ, но фамилијата и идната сопруга сите веруваа во мене дека имам квалитет“, истакна Дејан Милосављев.

Милосављев има само 23 години, дојде од Партизан тивко како замена за Страхиња Милиќ, но во Вардар имаше деби сезона од соништата. Доби првотимски статус и потоа нареди трофеи во домашното првенство, СЕХА и Лига на шампионите.

Семејството сигурно не е свесно за неговото остварување, а не е свесен ниту тој.

„Ова е лудница, не смеам ни на улица да излезам, сè ми делува некако нереално. Сè уште не сум присебен после феноменалниот фајнлфор во Келн. Морам да ги гледам повторно двата натпревари бидејќи не се сеќавам ниту на првите 10-15 минути, ниту на последните“

„Минатата година во Долово со помладиот брат гледав Ф4 на тв и им се восхитував на легендите. Се сеќавам кога дојдов во Вардар бев воодушевен кога влегов во соблекувалната, сè делуваше нереално, бев во друштво на легенди. Сега сум еден од нив…“

Веројатно не сме единствени кога во многу натпревари сезонава на Вардар, особено во полуфиналето против Барса, помисливме дека на голот сè уште стои незаменливиот Арпад Штербик.

Дејан и неговите треба да бидат екстремно горди. Вардар стана европски првак, а младото момче од Панчево успеа да го замени октоподот. Плус за една сезона успеа и да се поврзе и со Комитите кои ги поздрави на ваков начин.

Translate »