Уапсени Јанакиески, нотари и службеници за проневера
Десетина лица, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески, утрово се приведени во акција на оддделот за организиран криминал при МВР и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Станува збор за истрага за оттуѓување, односно продажба на државно земјиште, по несоодветна постапка, со што буџетот е оштетен за над 2,5 милиони евра.
Меѓу уапсените, покрај државните службеници и нотари, има и еден сопственик на фирма. Откриените нелегалности се однесуваат на три парцели за хотелски комплекс покрај Вардар од другата страна на градскиот парк во Скопје. Проневера е извршена и со парцелата на која требаше да се градат шпанските скали во центарот на Скопје. Еден осомничен досега не е најден и прииведен, а останатите во моментов се во суд.
Според МВР : „Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во соработка со Министерството за внатрешни работи презема дејствија за обезбедување на осомничени лица на повеќе локации во Скопје. По неколку месечна сеопфатна предистражна постапка, денеска по насоки на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се преземаат дејствија за обезбедување на осомничени лица на повеќе локации во Скопје. Меѓу осомничените има поранешни високи функционери, административни службеници и лица кои вршат работи од јавен интерес“.
Од МВР информираат дека повеќе детали за настанот ќе бидат соопштени во текот на денот.