Зошто малите деца во Јапонија се толку самостојни? Што треба да научиме од нив!
Во Јапонија често ќе видите сосема мали деца како сами патуваат во подземна железница или одат во продавница без родителите. Одговор на прашањето зошто е тоа така нема толку врска со самостојноста на детето, колку што има со довербата во општеството.
Вообичаена глетка во јапонскиот јавен превоз: деца поминуваат низ вагони на подземна железница, сами или во мали групи, барајќи слободни места.
Носат доколенки, чисти кожeни чевли, карирани училишни униформи, широки шапки прицврстени под брадата и картички за превоз закачени за ранците. Деца на возраст од само шест или седум години патуваат од училиште до дома, без родителите.
Родителите во Јапонија редовно ги праќаат своите деца надвор додека се уште многу мали. Популарната телевизиска емисија под името Моја прва задача, прикажува деца со само две или три години како одат надвор да извршат некоја задача за своето семејство. Додека внимателно одат кон продавница или фурна, нивниот потфат го следи скриена камера. Оваа програма се емитува над 25 години.
Каито, 12 годишно дете од Токио, од својата девета година сам патува со воз до своите родители, кои живеат одвоено и го делат старателството. „На почетокот бев малку исплашен‟, признава тој, „дали ќе можам сам да патувам со воз. Но, само малку исплашен‟.
Сега, вели тој, е лесно. Неговите родители на почеток исто така се плашеле, но сепак се одлучиле за тоа, бидејќи чувствувале дека тој е доволно стар, а многу други деца веќе безбедно патувале на тој начин.
„Искрено, се сеќавам дека размислував дека возовите се безбедни, стигнуваат на време и едноставни се за користење, а тој е паметно дете‟, вели макеата на Каит. „Самата патував со воз во Токио кога бев помала од него‟, се присетува неговата макеа. „Во мое време немаше мобилни телефони, но сепак успевав да дојдам од точка А до точка Б со воз. Ако се изгуби може да ни се јави‟.
Поради што јапонските деца се толку самостојни? „Всушност тука не се работи за самостојност на поединец, туку за доверба во групата‟, вели Двејн Диксон, антрополог кој напишал докторска дисертација за јапонската младина. „Јапонските деца рано учат дека, во најдобар случај, секој член на заедницата може да биде повикан да служи и да помогне на другите‟, вели тој.
Ваквиот став се учи во училиште, кога децата се сменуваат во чистењето и служењето на ручекот, наместо тоа да го работи вработен персонал. „На тој начин децата учат да ги делат обврските и да преземаат одговорност, истовремено учејќи како изгледа чист тоалет, на пример‟, вели Диксон.
Со преземањето на одговорност за заеднички простор, децата стекнуваат чувство за сопственост и на конкретен начин ги разбираат последиците од создавање на неред, бидејќи мора самите да го средат. Оваа етика се протегнува и на поширокиот јавен простор (што е една од причините зошто јапонските улици се толку чисти). Детето кое е надвор во јавноста знае само да може да се потпре на групата да му помогне во вонредна состојба.
Јапонија има многу ниска стапка на криминал, што сигурно е основна причина зошто родителите се чувствуваат безбедно да ги пратат децата надвор сами. Но, урбаните простори со помали димензии и култура на одење и користење на јавниот превоз исто така придонесуваат за безбедноста и што е можеби исто толку важно, перцепцијата за безбедност.
„Јавните простори се по мерка на човекот, што исто така го контролира протокот и брзината‟, вели Диксон. Во јапонските градови, луѓето се навикнати секаде да одат пешки, а јавниот превоз доминира над автомобилите; во Токио, половина од сите патувања се одвива со железница или автобуси, а четвртина пеш. Возачите се навикнати на тоа да ги делат патиштата и да даваат предност на пешаците и велосипедистите.
Макеата на Каит вели дека не би пуштила деветгодишно дете само да патува со метро во Лондон или Њујорк, само во Токио.
Тоа не значи дека во метрото во Токио не постои никаков ризик. На пример, постојан проблем е пипкањето на жени и девојчиња, што во 2000 година доведе до воведување на вагони, на одредени линии, резервирани само за жени. Сепак, многу градски деца продолжуваат да патуваат со воз до училиште и да ги вршат задачите во својата населба без родителски надзор.
Давајќи им ја оваа слобода, родителите укажуваат голема доверба, не само на своите деца, туку и на целата заедница. „Има многу деца во светот кои се самостојни‟, вели Диксон. „Но, верувам дека тоа што ги интригира од Западот со Јапонија е чувството на доверба и соработката која се подразбира и доаѓа и кога не е побарана‟