Јапонија ќе “испадне” од топ три светски економии до 2025 година: Еве која земја ќе го заземе нејзиното место
Индија до крајот на оваа година ќе ја претекне Велика Британија и ќе стане една од петте најголеми светски економии, велат најновите предвидувања на една консултантска компанија.
По тоа ќе ѝ бидат потребни уште само шест години за да ја преземе титулата на Јапонија како трета најголема економија на светот, покажуваат резултатите на новата студија на глобалната консултантска компанија “IHS Markit”.
Се очекува бруто домашниот производ на Индија да достигне цифра од 5.900 милијарди долари до 2025 година, што оди во прилог на неодамна објавениот амбициозен план на индискиот премиер Нарендра Моди, индиската економија да достигне вредност од 5.000 милијарди долари во наредните пет години, пренесува “Russia Today”.
“Вкупниот индиски бруто домашен производ, како што се предвидува, ќе порасне од 3.100 милијарди долари во 2019 година на 5.900 милијарди долари до 2025 година, додека поголемиот дел од индискиот потрошувачки пазар ќе порасне од овогодишните 1.900 милијарди долари на 3.600 милијарди долари до 2025 година”, се наведува во извештајот.
Се додава и дека Индија би можела да стане еден од главните придвижувачи на растот во азиско-пацифичкиот регион и дека во голема мера ќе придонесе за растот на глобалниот БДП.
Меѓутоа, за да се најде помеѓу земјите со повисок среден доход, Индија мора да се посвети на решавање на неколку предизвици како што се реформите во правосудниот систем и пазарот на трудот, но и развојот на транспортната и енергетската инфраструктура, се оценува во извештајот.
“И покрај значајните достигнувања во изградба на нова инфраструктура во текот на првиот мандат на премиерот Моди, брзиот развој на инфраструктурата во клучните сектори како што се транспортната и енергетската инфраструктура остануваат важни приоритети, како и намалување на регулаторното оптоварување”, се наведува во анализата на “IHS Markit”.