Кукан: Направивте се што побара ЕУ, треба да добиете датум во октомври

Вие направивте се што ЕУ побара од вас и може да имате позитивни очекувања за датум во октомври. Лично сметам дека Северна Македонија ќе добие датум за почнување на пристапните преговори. Чекавте на овој момент предолго, истакнува во интервју за МИА, Едуард Кукан, кој во јули годинава по 10 години поминати во Европскиот парламент ја напушти европратеничката функција.

-Мислам дека ова е најважното прашање на кое одговор очекуваат не само граѓаните овде во Северна Македонија, туку и многу други политичари низ Европа. Веќе не сум член на ЕП и затоа можам многу поотворено да зборувам. Чекавте на овој момент предолго, апсолутно е неверојатно да бидете земја – кандидат 12-13 години и дури сега да добиете датум. Но, да не се враќаме назад во историјата. Вие исто така, имавте некои проблеми. Да заклучам, сметам дека вие направивте се што ЕУ побара од вас, со цел да добиете датум за преговори. Тоа беше кажано од многу политичари кои ја посетија вашата земја, меѓу кои и од Доналд Туск, како и многу други важни шефови на влади кои рекоа дека Северна Македонија заслужува датум, вели Кукан запрашан како ги оценува изгледите  на октомврискиот самит на Европскиот совет да добиеме датум за старт на пристапните преговори.

Тој е оптимист, но сепак, како што посочува, гледано од нговото животно искуство, ќе поверува во тоа само кога ќе се случи.

– Затоа да почекаме да видиме. Но, Северна Македонија го заслужи датумот поради развојот на настаните на внатрешен план, и сите работи што ги направивте што беа неопходни за да добиете датум. Верувам дека денот кога ќе добиете информации од Брисел ќе славите, истакнув Кукан.

Тој не се согласува со ставот на францускиот претседател Емануел Макрон дека прво треба да се реформира ЕУ од внатре, а потоа да продолжи проширувањето, но во последните изјави на Макрон забележува омекнување на неговите строги ставови.

-Тоа не би било фер кон вас кои завршивте толку многу работа, а сега одеднаш да се каже – ќе ве ставиме на страна за да се занимаваме со наши прашања. Многу луѓе, исто така, не го делат францускиот пристап, и сметам дека тој нема цврсто да се држи за таквиот став. И би било срамота ако се усвои реформската агенда, а проширувањето се одложи. Не сметам дека оваа француска агенда ќе биде прифатена од другите земји – членки. Иако за одлуки во ЕУ е потребен консензус, се надевам дека Франција ќе ја смени својата позиција, а знам и дека многу ваши политичари се обидоа на нивните француски колеги да им објаснат и да ги убедат колку е важно проширувањето не само за вашата земја туку и за целата ЕУ. Ако ние не го направиме тоа, ќе го изгубиме нашиот кредибилет, и веќе почнавме да го губиме бидејќи ние побаравме од вас резултати, вие испорачавте, и кога дојде редот на нас се повлекуваме. Не смееме да си играме со ваквата политичка одговорност на ЕУ, вели Кукан.

Едуард Кукан, кој беше дел од тројката европратеници задолжена за нашата земја, во врска со законото за ЈО и борбата против корупцијата, вели дека тоа се многу важни прашања кои ЕК ги следи со особено внимание. Би било добро, вели Кукана, законот за ЈО да биде дноесен пред 16 октомври кога ќе заседава Европскиот совет и кога се очекува одлуката за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија.

-Знам дека вашите политичари се вклучени и многу заинтересирани за ова и дека не се лесни прашања, но имајќи ја предвид ситуацијата во земјата и нејзината амбиција да го добие датумот за старт на преговори, сметам дека сите треба да бидат свесни за факторот време, затоа што тајмингот е многу важен, нагалсува Кукан.

За тоа што треба земјата да направи за да испорача резултати во областа на корупцијата и кој е неговиотот став за случајот „Рекет“, словачкиот експерт за Балканот, подвлекува дека ова е уште една тема која многу внимателно се следи од ЕУ и ЕК и оти земјите се оценуваат не само според тоа колку е добро усвоеното законодавство, туку според решени конкретни случаи на корупција.

-Потребни се конкретни резултати, а не теоретски дебати. За случајот Рекет сите ваши политичари велат дека е многу важно да се реши брзо и на вистински објективен начин, но и тука повторно ЕУ очекува да види конкретни резултати, а политичката одговорност за тоа е на вашите лидери, вели Едуард Кукан, кој е поранешен шеф на словачката дипломатија, во интервјуто за МИА што наскоро ќе биде објавено во целост заедно со видео материјалот од разговорот.

Посетата на Кукан на  Скопје е по повод Трета пленарна сесија на Националната конвенција за ЕУ во РСМ, која е поддржана и од SlovakAid, (словачка поддршка за развој која ја координира словачкото Министерство за надворешни и европски прашања), која ќе се одржи денеска, а фокусот на сесијата е борбата против корупцијата.

Translate »