Поголеми плати, преквалификации и раст на ефикасноста-цел на новите законски мерки за вработените во јавниот сектор
Зголемување на ефикасноста на работењето на јавниот сектор и на администрацијата, како и решавање на проблемите во однос на неприменливоста на одредени одредби од постојните закони, е целта на предложените измени на Законот за вработени во јавен сектор и Законот за административни службеници за кои денеска во Скопје се одржа втората јавна расправа.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, пред дебатата истакна дека со измените на многу места се поедноставуваат постапките, се координираат особено стратешките планирања во однос на вработувањата, буџетот и што е она што е потребно на институциите согласно со нивните функционални анализи. Сето тоа е во согласност со проектот кој што, како што вели, кон крајот на годината граѓаните ќе може да го видат – голема реорганизација и оптимизација на целиот систем на јавниот сектор.
-Процесите се одвиваат паралелно, исто како и дигитализацијата. На почетоктот на октомври ќе го пуштиме во употреба електронскиот регистер на население со сите овие столбови што се дел од стратегијата за реформа на јавната администрацијата конечно на крајот од оваа година ќе го видат светлото на денот, истакна Манчевски.
На новинарско прашање, министерот Манчевски посочи дека било потребно доста време за да се расчистат руините од претходниот систем и да се направат неоходните анализи, да се подготват закони и стратегии, а се инсталирале и големи софтверски системи со финансиска поддршка и во координација со ЕУ. Токму во извештајот на ЕК во делот за реформа на јавната администрација , истакна, после долго време е констатиран добар напредок во реформата на јавната администрација.
Запрашан за тоа како ќе се постигне поголема ефикасност на администрацијата повтори дека тоа ќе го овозможи вториот голем проект кој што го спроведуваат со ЕУ за реорганизација на институциите каде се споредуваат сите закони на институции што се препоклопуват со ингеренции, кои што не е потребно да постојат, кои се мали, ќе треба да се спојуваат и слично.
-Сето тоа треба да се преточи во законски измени, а се работи за стотици закони. И јас сакам преку ноќ, но се работи за стотици закони за да на крајот конечно на почетокот на следната година ги видиме долгоочекуваните резултати, рече министерот за информатичко општество.
Во делот на намалување на бројот на вработени, покрај укинување на вишокот работни места, предвидени се три генерални пакет-мерки подготвени со стопанските комори, синдикатите, граѓанскиот сектор. Со првиот се нуди поголема плата во приватен сектор со субвенции на државата во делот на придонесите, вториот е државата да ја плати преквалификацијата за оние кои ќе преминат во приватниот сектор, а ќе има и други пакет-мерки.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујоски укажа на повеќе нивни забелешки во однос на предложените законски измени во делот на унапредувањето на административните службеници, на оценувањето, на дисциплинските постапки, а во делот на барањата за пресметката на платите кои ќе овозможат поголеми покачувања, рече, добиле поддршка од премиерот, но немаат одговор од МИОА и од Министерството за финансии.
Во делот на додатоците и надоместоците на плата предлагаат тие да се воведат за работен учинок и зголемен обем на работа, потоа регрес за годишен одмор, јубилејни награди, отпремнина за заминување во пензија да бидат регулирани со колективни договори и тоа право да биде вградено во законот. Бараат и додаток на плата за овластувања, за што сега не се добива соодветен надоместок.
-Има разбирање меѓутоа тоа треба да се преточи во предлог законот. Никако не треба да дозволиме како синдикати измените да влезат во собраниска процедура, оти потоа решение се амандмани, а тоа е веќе завршена работа, рече Грујовски.