Виничкиот „Парк Пиво Фест“ доби награда за посебен придонес во туризмот

По повод Светскиот ден на туризмот, 27 септември, Министерството за економија додели признанија на поединците, компаниите и манифестациите кои имаа најголем придонес кон домашниот туризам во текот на изминатата година. Една од наградите ја понесе „Парк Пиво Фест“, која традиционално се одржува во Виница, во организација на Парк Кафе и Хотел Ресторан Александар Парк.

„Парк Пиво Фест“, која се одржува веќе пет години, ја доби наградата за Најуспешна Манифестација во областа на туризмот. Овој настан беше препознат како посебно важен за привлекувањето на туристи во Виница, но и како една од најсветлите точки на целата територија на Источна Македонија, што ја прави исклучително важна за развојот на овој дел од нашата земја.

Александра Кирилова менаџер на Александар Парк Виница, со Министерот Бектеши

Секоја година, последниот викенд од месец октомври е резервиран за големиот фестивал во центарот на Виница, кој ги слави пивото, германските деликатеси, дружењето и ги обединува локалните жители и туристите во заедничка забава што трае до доцна во ноќта. Во текот на два дена, посетителите имаат шанса да уживаат во духот на германската традиција, да пробаат германски колбаси, переци и специјалитети на скара, а притоа да ја изгасат жедта со некое од големиот избор на пива.

На 25 и 26 октомври оваа година, Виница ќе биде домаќин на најзабавниот викенд во нашата земја. Отворањето на фестивалот ќе започне во 21:00 часот, по што следува музички настапи на Plan G и Brass Fantasy, додека следниот ден присутните ќе уживаат во звуците на DJ Erick и Ален Хасановиќ.

Настаните како „Парк Пиво Фест“ се позитивни примери за целата земја, бидејќи го свртуваат вниманието кон помалите градови, во случајов Виница, кои ретко се признаени како туристички дестинации. Наградата добиена од Министерството за економија е само дополнителен доказ дека ваквите манифестации го наоѓаат патот до окото на јавноста, која не пропушта да ги пофали и поттикне успешните приказни.

Translate »