Демпси: Западен Балкан станува лесна цел за кинеското и руското влијание
Северна Македонија и Албанија се соочуваат со ризик од растечки национализам и стагнација на економски реформи затоа што ЕУ со години ја затворaше вратата за пристапување, предупредуваат лидерите на овие балкански земји, пишува „Фајненшал тајмс“ .
Македонскиот премиер Зоран Заев изјави дека се плаши од враќање на „лошото минато“ во неговата етнички поделена земја, како што беше избегнатата граѓанска војна во 2001 година. Албанскиот премиер Еди Рама рече дека неговата земја ризикува да стане „колатерална штета“, како резултат на поделеноста во врска со прашањето за проширувањето во ЕУ.
Предупредувањата од балканските лидери предизвикаа загриженост кај аналитичарите дека неуспехот Скопје и Тирана да се приклучат на европскиот блок може да го дестабилизираат и онака геополитички чувствителниот регион на Западен Балкан, каде што се зголемува влијанието на другите земји, вклучително и Русија и Кина, пренесува „Фајненшал тајмс“. Како што потсетуваат аналитичарате францускиот претседател Емануел Макрон го блокираше започнувањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, иако Холандија и Данска исто така беа против преговорите со Тирана.
Двете балкански земји се жалеа дека ЕУ не ја исполнува својата страна од договорот. Заев рече дека е загрижен дека чувствителниот договор што е постигнат со Грција минатата година за преименувањето на земјата може да биде доведен во прашање со будење националистичкиот сентимент.
„Доколку има доволно националистичка реторика, радикални потези и говори во Северна Македонија, тоа ќе им даде аргументи на грчките политичари да ја користат истата реторика, што повторно може да доведе до чекори што не се добри ниту за мојата земја ниту за регионот“, предупреди Заев, потенцирајќи на мултиетничка природа на земјата со мнозинство македонско и етничко албанско население. Заев најави дека ќе си даде оставка како бунт против политиката на ЕУ, но додаде дека договорот со Атина би можел да биде доведен во опасност доколку неговата партија не победи на новите избори. Во Тирана, Рама рече дека одлуката да не се отворат преговори со ЕУ предизвика „сериозен психолошки шок во земјата“ и наштети на кредибилитетот на Унијата во регионот.
„Бевме двапати брутално отсечени од Европа – еднаш за време на Отоманската империја, а потоа половина век под најбруталниот комунистички режим. Никој не може да живее со идејата дека тоа може да се случи трет пат “, рече Рама.
И двајцата лидери велат дека ја разбираат загриженоста на земјите членки на ЕУ кои ги блокираа преговорите затоа што сакаат реформи во Унијата, но и реализација на политиката за проширување, но дека за секое идно членство се потребни најмалку уште десет години во текот на кои и нивните земји и ЕУ би можеле да продолжат со реформите, пренесува „ФТ“.
Рама смета дека потребата за внатрешни реформи во ЕУ не е баш доволно алиби за она што е суштинско прашање. „Европа е во време кога ситуацијата ќе се влошува наместо да се подобрува, а ние сме само колатерална штета“, рече Рама.
Џуди Демпси, аналитичарка од Каренги-центарот за Европа вели дека кредибилитетот на ЕУ е нарушен, бидејќи на лидерите на земјата им беше кажано уште во 2003 година дека ако ги исполнат критериумите на ЕУ, тие ќе бидат примени. Сепак, додека Скопје ги исполни овие критериуми, практиката беше отфрлена со образложение дека ЕУ мора прво да се реформира.
„Ветувањата се нарушени и Западен Балкан сега станува лесна цел за кинеското и руското влијание“, рече Демпси.
Заев изјавува дека е загрижен за обидот да ја пополни празнината создадена со одложување на процесот на пристапување. „Ваквата одлука им дава простор на трети страни кои не се многу корисни и кои нема да ни понудат демократија, слободи и владеење на правото“, заклучи Заев.