Дали во детските цртежи има предрасуди? Социјален експеримент на Телеком: „Нацртај човек“
Кога на дете на возраст меѓу 6-7 години ќе му дадете фломастер во рака и ќе го замолите да нацрта човек, резултатот е многу често едноставен и сличен. Покрај основните морфолошки карактеристики, особено е интересно да се забележи дека речиси секогаш на лицето под очите и носот, децата не забораваат да додадат една блага линија што ја илустрира насмевката.
Oва ни открива нешто важно, и нè поттикнува да се запрашаме дали во нивните очи, во шарениот детски свет, човекот е прво среќен, пријателски расположен, симбол на радост и добрина, растоварен од какви било предрасуди?
Во уметноста, тешко е фигуративно да се пресликаат предрасудите, тие најчесто се претставени преку апстрактно цртање. Слично е и во секојдневието, предрасудите тешко се визуелизираат и често се потсвесни, но не и непрепознатливи. Преку цртежите, децата ја пресликуваат нивната перцепција за луѓето, емоциите кои ги чувствуваат, но и општествените норми и предрасудите со кои тие се сретнале или потсвесно ги научиле. Научните истражувања ни кажуваат дека децата во нивните цртежи многу често се трудат да го задржат елементот кој им е најпрепознатлив, а токму новиот социјален експеримент на Телеком „Нацртај човек“ покажува дека кога се работи за човекот, насмевката е најпрепознатливиот елемент во цртежите на децата.
Преку овој социјален експеримент, децата нè учат дека линијата зборува повеќе од зборовите и дека предрасудите не се вродени, туку се општествено конструирани и наметнати. Нивните цртежи се искрен потсетник дека вистинското поврзување и разбирање започнува во мигот кога ќе направиме простор за различностите кои нè прават поемпатични, подобри и посреќни луѓе. #НаправиМесто






