Претседателот Пендаровски му ја додели Наградата за Македонски квалитет на Пакомак
Пред многубројна публика, претседателот Стево Пендаровски му додели Награда за Македонски квалитет на Пакомак за иновативното решение QR код апликација за напредно собирање на амбалажен отпад. Традиционално, ова престижно признание се доделува од страна на Сојузот на стопански комори (ССК) под покровителство на претседателот на Северна Македонија, а е наменето за компаниите и производите кои имаат традиција во создавање и одржување на националниот бренд.
Согласно прецизно воспоставените критериуми, комисијата составена од членови на Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, внимателно ги одбира добитниците на признанијата земајќи ја предвид нивната работа во текот на изминатата година. Сојузот на стопански комори традиционално ги доделува признанијата за Македонски квалитет – престижна награда чија мисија е да ги истакне и поттикне домашните претприемачи да создаваат трајни вредности. Оваа година, чест да ја добие наградата имаше Пакомак, друштвото за управување со амбалажен отпад.
QR код апликацијата за напредно собирање на отпад од пакување е решение со кое Пакомак ќе понуди полесен начин на собирање, одложување и рециклирање на отпад. Преку неа ќе се имплементира дополнителна автоматизација на процесите, што на долг рок ќе донесе придобивки за граѓаните, за потрошувачите, но и за компанијата. Новитетот со имплементација на QR код апликацијата со напредна технологија е тоа што од мануелно евидентирање на барањата од страна на клиентите сега се премина во комплетно автоматизиран процес за евиденција на потребите за собирање.
Наградата за Македонски квалитет ја врачи лично претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, а во име на Пакомак истата ја прими Филип Ивановски, извршниот директор на компанијата, кој пред присутните изјави:
“Нашиот македонски квалитет може да се подобрува и расте само и единствено АКО секој од нас, независно од својата професија, го работи најдобро што може она за што се нафатил да го работи…Она што ни недостасува во Македонија е малку повеќе професионален однос и одговорност кон она што го работиме! Верувам дека како држава одиме по тој пат на градење одговорни професионалци, а тоа ќе значи дека нашиот, македонски квалитет може да стане компаративна предност за нашите компании ориентирани кон извоз… нешто како што се сега германскиот, јапонскиот, швајцарскиот квалитет…
Ние во Пакомак изминативе години успеавме да изградиме мал, но професионален тим, од луѓе од различни професии, афинитети и возраст, тим насочен да биде професионален и одговорен во својата работа. Денес добиваме мала сатисфакција за нашата професионалност и упорност во настојувањето да ги менуваме навиките на нашето општество, награда добиена лично од претседателот на републиката, за кој сум уверен дека ќе ги покаже сите атрибути на професионалец, награда која ќе ни биде импулс плус да бидеме уште подобри професионалци, да продолжиме да се менуваме на подобро, ние самите, но пред се и македонското општеството околу нас, со иновативни идеи и чесна работа. Македонија се сака со дела, со работа…и тоа СЕГА”
Пакомак уште од 2011 година успешно управува со отпадот од пакување со цел да го минимизира негативното влијание на отпадот од пакување врз животната средина и да промовира зголемена општествена одговорност кај компаниите во нивниот однос кон отпадот од пакување. Позитивните примери треба да се поддржуваат и истакнуваат, а Сојузот на стопански комори не дозволи добрата работа на Пакомак да помине незабележана.