Европската унија во 2020! Кои се тенденциите?
Со Брегзит доаѓа до менување на односот на силите во Европа, а
според германскиот новинар Борис Калноки, Германија ќе започне да се
врти кон источна Европа за да го зајакне своето влијание на Стариот
континент.
Европската унија во 2020-та година ќе стане помала, а политиката во неа ќе биде потешка. Британците речиси сигурно ќе ја напуштат Европската унија, а со тоа ќе се промени односот на силите. Наскоро ќе се отстапи од познатиот германско-француски модел и ќе се врати Европа кон историските структури.
Тоа се однесува на создавањето на блокови во централна и источна Европа каде некогаш беше Хабсбуршката монархија – земјите од Вишеградската група, Унгарија, Полска, Чешка и Словачка, како и други земји кои се сѐ повеќе поврзани со споменатите.
Германија ќе мора да се запраша каде е нејзиното место во Европа и идниот облик на ЕУ ќе зависи од таа одлука. Како една од причините зошто Британците ја напуштаат ЕУ е наведено дека тие ја препознале германската доминација и не сакаат да се врзуваат во една таква структура.
Сѐ почестите препукувања на релација Берлин – Париз оваа година го означија почетокот на борбата за доминација во новата континентална Европска унија. Како што е наведено во текстот на „Дојче Веле“, Французите чувствуваат дека Германија во иднина би можела уште појасно политички да доминира – повеќе од времето на Втората светска војна и тоа се обидуваат да го спречат.
Макрон веројатно ќе го примени рецептот на Де Гол, Митеран и другите француски претседатели – да ја врзат Германија за структури кои не дозволуваат тргнување по свој пат и во една таква структура, токму Франција да заземе што е можно повеќе клучни позиции. Еден од таквите чекори е повикот на Макрон да се формира европска војска во која би доминирала Франција како единствена европска нуклеарна сила и единствена земја која има желба да интервенира во странство.
Во меѓувреме, Германија ќе се соочува со старо-нова реалност на истокот на Европа. Земјите од централна Европа самите меѓусебно се нудат како сојузници, а практично сите земји од централна и источна Европа имаат големи несогласувања со Берлин во врска со едно од клучните прашања – миграцијата.
Вербалниот конфликт со Берлин во врска со миграцијата, правната држава и европската интеграција беше најактуелен во изминатите години на истокот на Европа. Тие земји апелираат сега Германија да ги признае и препознае како стратешки партнер и со нив да се врати на принципите на реалистичното и прагматично влијание, наместо да им се држат лекции по морал.
Тие се подготвени да ѝ помогнат на Германија да го прошири своето влијание во Европа, но за тоа Германија ќе мора нешто да им понуди. Таа идеја зад кулисите постои од 2014/15 години и има сѐ повеќе назнаки дека Берлин веќе го разгледува тоа. Германија после Брегзит сѐ повеќе ќе се врти кон источна Европа како противтежа на Франција, но и со цел земјите од Вишеградската група да ги држи подалеку од десничарските движења во Италија и Франција.
Токму поради тоа 2020-та година би требало да биде годината на раѓањето на „континентална“ Европа во која за превласт и што е можно поголемо влијание ќе се борат Франција и Германија, а истовремено во централниот и источниот дел ќе се формираат нови сојузи, а актуелните уште повеќе ќе се зајакнуваат.