Манчевски: Зајакнувањето на дигиталните вештини на населението е клучна определба
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски учествува на Светскиот образовен форум во Лондон, а на маргините на форумот зборуваше и на трибина под наслов: „Дигитални вештини: трансформација во една генерација“.
„Зајакнувањето на дигиталните вештини останува постојана реформа во нашите економии и јас сум навистина среќен што можам да кажам дека Северна Македонија спроведува неколку мерки за решавање на ова прашање. На пример, Оперативниот план за активни мерки за вработување и програми и услуги на пазарот на трудот за 2018 година донесе одлични мерки и резултати, а донесениот Оперативен план за 2019 година предвидува поддршка на дополнителни 700.000 евра за обука во областа на ИТ и дигитални вештини. Исто така, се вклучивме во неформални едукативни активности со ученици од основните училишта во земјата, за да зборуваме за сајбер безбедноста и предизвиците околу тоа“, рече министерот.
Тој ја посочи и Иницијативата за обука за дигитални можности, која, како што рече, ќе обезбеди прекугранични обуки за најмногу 6.000 студенти и неодамнешни дипломирани студенти меѓу 2018 и 2020 година.
„Целта е на студентите од сите дисциплини да им се даде можност да се справат со дигиталното искуство во полиња што ги бара пазарот. Несомнено е дека ние ја поставивме рамката и ги направивме првите клучни чекори за унапредување на дигиталните вештини, и притоа, Берлинскиот процес служеше како патоказ на некои видови за нашите економии. За време на дигиталниот самит на Западен Балкан 6 во Скопје, ги поддржавме целите и го потврдивме нашиот интерес за интеграција во рамките на Коалицијата за дигитални вештини и работни места на ЕУ, преку поддршка на целите и принципите на Коалицијата“, истакна Манчевски.
На трибината учествуваа и министерот за образование и наука, Арбер Адеми, како и министерката за образование, спорт и млади на Албанија, Беса Шахини, министерот за образование на Србија, Младен Шарчевиќ, министерката за образование и култура на Република Српска, Наталија Тривиќ и министерот за образование на Црна Гора, Дамир Шеховиќ.