Основните и средните училишта ќе може да аплицираат за финансирање истражувачки проекти
Од денеска до 16 март годинава основните и средните училишта ќе може да аплицираат за третиот Предизвик за млади истражувачи на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).
Прифатливи ќе бидат проектите од областа на природните и техничките науки кои би се реализирале за максимум 6 месеци.
Вкупниот буџет за годинашниот Предизвик е 6 милиони денари или по 100.000 – 300.000 денари за секој од проектите што ќе биде поддржан.
-Целта на предизвикот е изготвување решенија за проблемите со кои се соочуваме. Најдобрите проекти ќе бидат наградени. За наставниците – ментори кои ќе ги водат тимовите се предвидени по 30.000 денари, а за учениците сертификати, беше речено на денешната промоција на повикот.
Според ФИТР, изборот на проектите кои треба да добијат поддршка ќе се врши врз основа на неколку критериуми. Клучни ќе бидат оригиналната идеја, квалитетот на проектот неговата применливост и мулти имплементација.
Ќе се земе предвид и составот на ученичкиот тим – родовата застапеност, возраста, етничката припадност.
Фондот за иновации, како што беше нагласено, посебно ги охрабрува училиштата од руралните средини и децата со посебни потреби да се вклучат во Предизвикот.
Со досегашните два предизвика за млади истражувачи ФИТР поддржа вкупно 54 училишта.
Учениците кои присуствуваа на денешната промоција на повикот во ФИТР и кои се претходни добитници на финансиска поддршка за реализирање проекти нагласија дека Предизвикот ја поттикнал нивната желба за истражување. Воедно сфатиле дека науката е најважна за прогрес на општеството.