За овие професии не би претпоставиле дека постојат, а ќе бидат најпрофитабилни
Благодарение на технологијата, се бележи голем напредок во светот, а во исто време се наметнува потребата за различни и нови професии, коишто денес звучат чудно, но би можеле во иднина да станат сосема вообичаени.
Хрватски Cosmopolitan направи листа на нетрадиционални професии за коишто не би претпоставиле дека постојат.
Tagger
Нивна главна работа ќе биде да гледаат серии и филмови и потоа да ги категоризираат или “тагнат“ врз основа на заеднички карактеристики. Овие тагови ќе му помогнат на Netflix да предложи дополнителни серии на гледачите со оглед на она што го гледале претходно.
Преведувач на емотикони
Целта на овој преведувач е да им помогне на компаниите да се снајдат во “морето“ од емотикони и при нивно користење да избегнат непријатни ситуации. На пример, подигнат палец во западната култура значи “да“, но на Блискиот исток тоа е гестикулација со слично значење како среден прст…
Адвокат за социјални медиуми
Нивна задача ќе биде да ги познаваат законите за социјалните мрежи за да помогна во решавање на спорови и специфични ситуации. Некои од случаите со коишто би се среќавале може да бидат интернет булинг или малтретирање, следење преку интернет, кражба на идентитет, нарушување на приватност…
Гастро трендсетер
Овие експерти за храна истражуваат специјализирани списанија, блогови, социјалните мрежи и телевизиски емисии за да им помогнат на рестораните и компаниите од гастро индустријата да бидат во тек со трендовите.
ВР дизајнер
Виртуелната реалност (ВР) на голема врата влегува во технолошкиот свет, особено затоа што ИТ гигантите одвојуваат огромни суми за нејзин развој. Задача на овој вид дизајнери ќе биде да ги распознаваат физичките и просторните елементи, како што се архитектура, звук, осветлување и физика.
Урбан земјоделец
Првата асоцијација за земјоделец секако се поврзува со обработлива површина во рурални средини, но поради фактот дека популацијата би можела да достигне до скоро 10 милијарди до 2050-та година, а ресурсите стануваат сè поограничени, ќе се бараат сосема нови начини на земјоделие. Поради тоа ќе постои урбано земјоделие, што подразбира обработка и дистрибуција на храна во градот. Големите покриви на објектите ќе се користат за одгледување на најразлични земјоделски култури, а ќе се користат и стари и напуштени објекти, што ќе се пренаменат во стакленици.
Организатор на виртуелен неред
Работните бироа веќе не се пренатрупани со еден куп документи, голема машина за куцање и папки преполни со хартија, туку сето тоа е минимизирано и ставено на USB, во лаптоп или на екстерен диск. Но, и тие стануваат помалку организирани, бидејќи меморијата на уредите е оптоварена и со непотребни мејлови, документи и фајлови што не ви се потребни. Задачата на виртуелниот организатор ќе биде да се грижи за вашето електронско сандаче да не се полни со непотребни мејлови, правилно да управувате со лозинките за пристап до важни информации или вашата активност на социјалните мрежи.