Не купувајте и не фрлајте непотребно
Дали бевме посреќни кога во снегот зимно време беше црн од загадувањето, а птиците „пешки одеа“ заради тешкиот смог и сето тоа беше дел од природниот тек на нештата. Не постоеја мерачи на ПМ честички, ниту топ листи на најзагадени градови на кои нашиот секогаш достигнува високи места.
Дали бевме посреќни кога како деца правевме бункери од снег, а зад нив десетици топки снег, подготвени за следниот напад. Тогаш живеев во центарот на Сараево, над музичката академија, на еден рид каде секоја зима снеговите достигнуваа над нашите глави. Освен бункери правевме и иглоа во кои нѐ собираше барем двајца, а еден од другарите правеше топки снег кои ги нарекуваше „гланцерици“, затоа што со саати ги „гланцаше“ со голи раце, се разбира без ракавици, додека не станат совршено кружни и тврди како камен. Да те удрат со таква топка беше добра вежба за идниот млад астроном да научи како се бројат ѕвезди.
Немаше дете без некој зимски реквизит. Некои имаа санки, други мали пластични скии кои се врзуваа за нозете со коланчиња, а трети стапови за хокеј. Истиот другар со совршените топки за снег имаше и плочка за играње хокеј – пак. Пакот е обложен со гума, но тежок како олово, и освен тоа не се лизга добро на нерамна патека изгазена од детски ноџиња. Затоа користевме тениски топчиња. Истите кои во летните месеци исчезнуваа на падините на моето нерамно Сараево, а јас сонував како ги пронаоѓам, едно, две, безброј.
Тогаш зимите беа сурови и долги, а денес се млаки. Честопати се обвинува глобалното затоплување, но за жал светот мораше да пати додека денешните богати земји поминуваа низ индустриската револуција за да станат она што се денес – удобни и свесни за околината и за штетата која ја нанесуваме на неа.
А што е со нас? Што е со другите земји кои сѐ уште не станале богати – како да се развијат тие? За жал, ние спаѓаме во енергетскиот пакет со остатокот од светот, иако не придонесуваме ни за илјадитинка од производството на јаглерод диоксид. Но, ако сакаме да бидеме дел од светот, тоа ќе мораме да го направиме и некако, некако да најдеме начин да се развиеме. Дали го има?
Сепак, мораме да најдеме начин, зашто нѐ чека судбина на човек кој седи со вклучен автомобил во затворена гаража – ќе се угушиме во сопствениот чад! Ете, тоа е состојбата на нештата во која нема враќање назад кон грамофоните и видео-касетите, кон греењето на дрвја и фабрики на јаглен, кон фрлањето отпад насекаде и неселектирањето. Тоа е иднината на светот во која треба да се грижиме за околината, како да се грижиме за себеси, да бидеме свесни и совесни жители на планетата Земја.
Се разбира има начин, не купувајте и не фрлајте непотребно, вклучете се во групите за заштита на околината како „Дај, не фрлај“, помогнете на Пакомак да селектира подобро и попаметно, префрлете се на поеколошки варијанти за превоз (плин, електрични возила) и греење (инвертори, парно).
Дали бевме посреќни кога бевме несвесни? Кога си игравме на улицата со топка и не седевме на клупи со телефони во рацете загрижени за глобалното затоплување и за загадувањето, за идниот глобален вирус, за удар на блискиот астероид или за тоа дали Земјата е рамна или кружна. Се разбира дека Земјата е кружна, школото нѐ учеше, родителите ни велеа да ги миеме рацете за да не се разболиме и тоа беше тоа. Ни повеќе, ни помалку. Не носевме маски против загадување, ниту против вируси. Останатото време го поминувавме на улица и кога нѐ викаа на јадење одговаравме „Уште пет минути!“
Се разбира, петте минути никогаш не беа пет, но кога родителите не беа шпионски организации кои ги следат сопствените деца со помош на мобилни телефони, можеше и да се извлечеш. Во ерата на глобално следење, своеволно преку инстаграм или фејсбук, или несвесно преку гугл и ГПС, сите сме деца кои немаат ни пет минути за себе.
Но, затоа го имаме YouTube, како остварувањето на пророчките зборови на Енди Ворхол: „Во иднината секој ќе има 15 минути слава.“ И навистина, сите ѕвезди се популарни 15 минути, пред да бидат заменети со други, инстант мини-божества за една употреба, во свет кој заборава полесно отколку што почитува. Ниче зборуваше за „смртта на господ“, но не предвидел дека божествата ќе се раѓаат и умираат толку брзо и толку често што ниту една индиска митологија на стораки натприродни суштества не би можела да ја следи и подреди нивната хиерархија – зашто и ја нема!
Но, еј, тие се тука да нѐ забавуваат и да не мислиме премногу на загадувањето, вирусите и астероидите, така што внесуваат природна хармонија во нештата и намалување на притисокот од кој инаку би експлодирале!
arno.mk