Низ старите цевки и со дивите приклучоци губиме една третина од водата за пиење во Скопје (инфографик)

Околу една третина од вкупните количества вода за пиење што во 2018 година влегле во цевките од скопскиот водоводен систем се фактурирани како губитоци на вода, покажува Годишниот извештај од работењето на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Во водоводниот систем на главниот град исчезнале 34.158.252 метри кубни вода, што е повеќе од вкупните количества вода што на годишно ниво биле произведени од водоснабдителните системи во Кичево, Куманово и Прилеп во 2018 година.

Наспроти алармантните податоци за количеството вода за пиење што се губи во скопскиот водоводен систем на годишно ниво, статистиката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги покажува дека главниот град е една од општините во земјава со помал процент на неприходувана вода. Кај некои од давателите на водни услуги во македонските општини, процентот на неприходувана вода достигнува до фантастични 78 отсто од вкупните количества на произведена вода за пиење.

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје пресметала дека во 2018 година во водоводниот систем влегле вкупно 103.670.229 метри кубни вода. 32,9 отсто од питката вода е вклучена во категоријата „губитоци на вода“. Притоа, физичките губитоци поради староста на цевките и други проблеми со самата инфраструктура одзеле 27.451.807 метри кубни вода, кои требало да стигнат до крајните потрошувачи. Нелегалната потрошувачка е причина за губиток на 3.525.685 метри кубни вода, додека другите  3.180.545 метри кубни се губат низ системот како резултат на неточност на водомерите и грешка при ракувањето со податоците.

„За регионот и пошироко се смета дека дозволената загуба на вода во системот е 20 отсто од вкупно произведената вода, што претставува големо количество вода. За намалување на загубите на вода потребно е вложување на голем труд и знаење, за намалувањето да биде во границите на прифатливото“, се наведува во Годишниот извештај на ЈП „Водовод и канализација“.

Огромното количество на изгубена вода за пиење во Скопје се јавува паралелно со проблемите со водоснабдувањето што го имаат дел од општините во земјава, кои особено во летниот период се соочуваат со повеќечасовни рестрикции или намалување на дотокот на вода до домаќинствата. Од скопското јавно претпријатие пресметале дека во 2018 година биле намалени физичките загуби на вода во споредба со годината пред тоа, но и самите во објавениот извештај потенцираат дека треба да се работи на понатамошно кратење на губитоците на питка вода во самиот систем.

Translate »