10 пратеници што потрошиле најмногу пари за 2017 година

Огромни суми пари се исплатени од собраниската каса за патните трошоци на народните избраници во Македонија, покажува најновото истражување на новинарската мрежа СКУП. По објавата дека пратениците од земјава побарале многу повеќе пари во споредба со  колегите во регионот, ТВ21 ги објавува „топ десеттемина“ – пратениците во македонското Собрание кои во 2017 имаат приложено најмногу сметки за бензин, патарина, и други давачки за пат. Иако два од првите 6 месеци од годинава собранието не работеше, сметките за службени патувања на депутатите достигнуваат износ од околу 4 илјади евра по пратеник . И тоа во земја каде што најоддалечното место од главниот град , во просек не е подалеку од 200 километри.

Графика – ТОП 10 ПРАТЕНИЦИ СПОРЕД ПАТНИТЕ ТРОШОЦИ ВО 2017

Алија Камберовски     4.280 евра

Сашо Поцков                3.975 евра

Лилјана Затуровска     3.942 евра

Мира Стојчевска          3924 евра

Агим Шакири                 3.911 евра

Александар Кирацовски   3.844 евра

Сашо Василевски          3.843 евра

Томислав Тунтев           3.843 евра

Васко Ковачевски         3.829 евра

Лилјана Кузмановска   3.829 евра

ТВ21 поразговара со Горан Лефков, автор на истражувањето на СКУП. Тој вели дека од архивата на  Собранието побарал коментар околу трошоците, не само на спомнатите десет, туку и за останатите кои користеле средства за патни трошоци, со високи износи.  Лефков сугерира, за да не се расфрлаат парите од граѓаните, Македонија да пресликаме законски решенија кои успешно се практикуваат во регионот.

Податоците кои ги објави истражувачката мрежа СКУП покажуваат дека од 2010та до 2016та,  120-те народни  избраници во Македонија извлекле од  државната каса близу 5 милиони евра, само за патни трошоци. За 6 години, во просек, секој пратеник побарал по 40 илјади евра за патување.

Во споредба со регионот, излегува дека пратениците во Македонија имаат поминато многу повеќе километри, и покрај тоа што повеќето соседни земји се поголеми по територија од Македонија. Во Словенија за 6 години секој пратеник во просек потрошил по 36 илјади евра, во Бугарија – четири пати поголема од Македонија, пратениците потрошиле двојно помалку од колегите во земјава, додека во Хрватска,  земја нешто повеќе од двојно поголема по територија, пратениците за патување побарале по околу 14 илјади евра. Најмалку трошоци за пат имаат пријавено пратениците во Косово, по 6 илјади евра за 6 години, или во просек само по 1000 годишно.

Translate »