Заев ги соопшти носителите на кандидатските листи на СДСМ
СДСМ ги избра кандидатите за пратеничките листи за претстојните парламентарни избори закажани за 12 април.
Во првата изборна единица носители ќе бидат актуелниот министер за надворешни работи Никола Димитров и вицепремиерката и поранешна министерка за труд и социјална политика Мила Царовска.
СДСМ најавија дека за овие избори на листите ќе има тандем односно двајца носители и во сите единици ќе бидат маж и жена.
Задржувајќи се до тој принцип носител на листата во втората изборна единица е техничкиот премиер Оливер Спасовски, а второто место е резервирано за Сања Лукаревска, директорката на Управата за јавни приходи (УЈП). Во тројката тандемот на СДСМ го чинат Љупчо Николовски и Јагода Шахпаска, односно Радмила Шекеринска и Јован Митрески во петката.
За лидерот на СДСМ, Зоран Заев резервирана е четвртата изборна единица каде тој ќе настапи во тандем со членката на НСДП, Соња Мираковска, која ќе добие место на пратеничката листа кое е предвидено за коалициските партнери.
Во шестата изборна единица се очекува носител биде лидерот на БЕСА, Биљал Касами, во тандем со Фаница Николовска.
„Со ваква понуда, нема дилема. Обединуваме околу вредностите и визиите за државата за нашите деца. Концептот едно општество да се зацврсти, да продолжиме сите заедно. Им благодарам на коалиционите партнери кои дадоа придонес, и на оние кои не се дел од листите, но се тука да работиме заедно“, посочи Заев на завршницата од 24. партиски Конгрес.
Нагласи дека СДСМ и коалицијата ќе продолжат уште подобро по овие избори.
„Сите ќе продолжиме, со силна посветеност да ги реализираме сите столбови на програмата што вечерва ја усвоивме. Членка сме на НАТО, сега на ред е ЕУ. Градиме фер, еднакво, праведно општество“, додаде партискиот лидер.