Вкупно седуммина заразени од коронавирус, позитивни три лица од семејството на сопружниците од Дебар

Министерството за здравство информира дека од осумте тестирани пациенти на коронавирус попладнево, тројца членови на семејството на сопружниците од Дебарско се позитивни, а другите петмина се негативни на коронавирусот.

На прес-конференција министерот Венко Филипче соопшти дека се испитуваат осум пациенти – еден пациент кој престојувал во Бугарија и неговата сопруга, патник од Сингапур, наш државјанин, кој се вратил дома, четири лица што биле во контакт со заразената двојка од Дебар и еден пациент од Гевгелија.

Како што информираат од ресорното Министерство, тројцата позитивни пациенти од 7 март се во домашна изолација, а од вечерва ќе бидат хоспитализирани и лекувани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.

Со ова вкупната бројка на заразени од коронавирусот во земјата достигна седум лица. Првата заразена е 50-годишна жена, повратник од Италија, потоа беше објавено за брачната двојка од Дебарско, а утрово беше потврдено дека позитивна на коронавирус е и директорката на Клиниката за кожни болести, Нина (Цаца) Билјановска.

За двајцата сопружници (62 и 68 години) беше објавено дека во земјата пристигнале од Бреша, северна Италија, на 27 февруари, а докторката Билјановска заболела од коронавирус бидејќи била на скијање во земјата што важи за жариште на вирусот во Европа.

Филипче обелодени дека 193 лица, кои биле во контакт со заразената докторка, се во 14-дневна домашна изолација.

Translate »