Првиот пациент е подготвен: Започнува клиничкото тестирање на вакцината за коронавирусот

Клиничкото тестирање на вакцината која треба да ги заштити луѓето од коронавирусот почнува денес.

Неименуван функционер во американската влада соопшти дека денес ќе биде вакциниран првиот пациент, пренесува новинската агенција „АП“.

Експериментот ќе биде извршен во институтот за истражување на јавното здравје во американскиот град Сиетл, а ќе биде спроведено од Националниот институт за здравје на Соединетите Американски Држави.

Како што пренесуваат американските медиуми, ќе бидат потребни 12 до 18 месеци за да биде потврдена вакцината која успешно би се справила со новиот коронавирус Covid-19.

Инаку, бројот на заразени од коронавирусот според последните податоци надмина 169 илјади лица на глобално ниво, а бројот на починати како последица на Covid-19 надмина 6,500.

Истовремено, речиси 78 илјади пациенти се опоравија од коронавирусот. СЗО пред неколку дена ја прогласи Европа за центарот на пандемијата на коронавирусот, а покрај Италија како најголемо жариште во Стариот континент, бројот на заразени рапидно расте во Шпанија и Франција.

Translate »