Научникот кој малкумина го слушаа има порака за цела Европа: Немојте да ја правите истата грешка како Италија
Роберто Буриони е еден од првите италијански научници кои алармираа за епидемијата на коронавирусот, но на почетокот малкумина го слушаа. Сега, тој ја предупредува цела Европа да не ја прави истата грешка.
57-годишниот Буриони, професор по микробиологија на миланскиот Универзитет Сан Рафаеле е најпознатиот италијански виролог: „За жал, уште од времето на Цезар луѓето веруваат во тоа што сакаат да се случи“.
Откако Шпанија, Франција и Австрија тргнаа по стапките на Италија со воведување на драконски мерки и ограничување на движењето на населението, Буриони вели дека сега и цела Европа мора да го направи истото.
„Потребно ни е единство и заеднички пристап. Во спротивно, која е смислата на Европската унија?“, вели италијанскиот професор, додавајќи дека една земја може со остри мерки да го сузбие вирусот, но потоа повторно да стане заразена затоа што соседната земја не го сторила тоа.
Буриони најмногу се согласува со одважната изјава на германската канцеларка Ангела Меркел која порача дека со коронавирусот би можела да се зарази 60 до 70 отсто од популацијата.
Што се однесува со очекувањата дека топлото време ќе помогне во сузбивањето на коронавирусот, италијанскиот професор вели: „Немојте да се обложувате во тоа. За тоа едноставно уште ништо не знаеме“.
Пред да го стекне „нели ви реков“ угледот во Италија, овој професор беше позната фигура во земјата во јавната борба со противниците на вакцинирањето.