Германија го спречи обидот на Трамп да ја преземе компанијата која работи на лек против коронавирусот

Германската влада го оневозможи американскиот обид за преземање на компанијата CureVac која работи на лек против коронавирусот.

Претходно, од Министерството за здравство на Германија за весникот „Велт“ потврдиле дека американскиот претседател, Доналд Трамп, сака за голема сума пари да дојде до биотехнолошката компанија CureVac која работи на откривање вакцина против вирусот, како би ја обезбедил ексклузивно за САД.

Медиумите во Германија објавија дека неодамна претставници на фирмата разговарале за преземањето со Трамп. Следеше реакцијата на германската Влада и како што изјави вчера федералниот министер за здравство, Јенс Спан, преземањето нема да се случи, бидејќи фирмата од Тубинген работи на „лек за сите“.

Главен извршен директор на компанијата од пред неколку дена повторно е нејзиниот основач, Ингмар Хоер.

Тој преку ноќ го наследи Американецот Даниел Меничел, кој преговарал со Трамп.

На смената инсистирал косопственикот на CureVac и сопственик на фудбалскиот клуб Хофенхајм, Дитмар Хоп.

Translate »