Експеримент во италијански град се покажа успешен: Го сопревме ширењето на коронавирусот!

Експериментот за сузбивање на ширењето на заразата со коронавирусот кој беше спроведен во малиот италијански град Во во регионот Венето се покажа како успешен.

На здравствените работници во овој италијански град тоа им успеа откако повеќе пати ги тестирале сите 3,300 жители, безразлика на тоа дали покажувале симптоми на болеста, или не. Кога ќе утврделе дека некој е позитивен на тестовите на коронавирусот, тогаш веднаш тоа лице, како и сите со кои бил во контакт биле ставани во карантин. Благодарение на ваквиот режим тие успеале целосно да го спречат ширењето на Covid-19 во градот.

Андреа Крисанти, експерт за заразни болести кој бил дел од тимот кој работел во Во ги повикува сите земји кои го ограничуваат тестирањето да го погледнат примерот од италијанскиот мал град и да започнат темелно да тестираат поголем број на граѓани.

Успехот на здравствените работници во овој италијански град укажува на важноста на тестирање и изолирањето на лицата кои би можеле да ја шират заразата, пристап кој го поддржува Светската здравствена организација.

Од СЗО веќе ги повикаа сите земји да започнат со „агресивно тестирање“, нагласувајќи дека со таквите методи Јужна Кореја и Тајван успеале да го спречат ширењето на коронавирусот.

Крисанти изјави дека овој необичен експеримент на научниците им овозможил да направат „целосна епидемиолошка слика“ на болеста. Тестирањето започнало на 22-ри февруари откако во градчето починале две лица како последица на коронавирусот. Тестовите покажале дека 3% од жителите се заразени, но и дека половина од носителите не прикажале никакви симптоми на заразата. После изолирањето на заразените, десет дена подоцна бил спроведен втор тест кој покажал дека степенот на заразеност на популацијата се намалил на 0,3%.

Во текот на вториот круг на тестирање биле идентификувани шест заразени лица кои немале никакви симптоми. Тоа значело дека и тие мора да бидат ставени во карантин: „Да не ги препознаевме, заразата ќе продолжеше да се шири“.

После овие резултати, властите на италијанскиот регион Венето сакаат да продолжат агресивно да го тестираат населението. Целта им е дневно да се земаат брисеви на 11 илјади луѓе: „Ако некој се јави на нашите специјални телефонски броеви и каже дека е болен, се тестираат сите членови на семејството на тоа лице, сите пријатели и сите кои што живеат во негова близина“, изјави Крисанте.

Translate »