Се подготвуваат најстроги рестриктивни мерки за да се спречи ширењето на вирусот

Од 24-тата седница на Владата: Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија да направат детален оперативен план за спроведување на најстроги рестриктивни мерки со цел спречување, внесување и ширење на коронавирусот; Сите лица што не ја почитуваат мерката за самоизолација ќе бидат спроведени во државен карантин и против истите да биде поведена соодветна постапка, трошоците за време на престојот во државен карантин ќе бидат на нивни товар; На патните исправи и на личните карти им се продолжува важењето за време на вонредната состојба

На синоќешната 24-та седница, Владата на Република Северна Македонија го разгледа и усвои Записникот од Петтиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19, одржан на 20 март 2020 година.

Согласно предлозите изнесени во расправата на седницата, Владата ги усвои следниве заклучоци:

1. Се задолжува Комисија за заразни болести при Министерството за здравство, да подготви детален писмен предлог со мерки и препораки за воведување на најстроги рестриктивни мерки во врска со спречување, внесување и ширење на коронавирус COVID-19 (забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија за време на ден и во ноќ, организирање на јавниот превоз, сменско работење, опфатени категории на лица по возраст) и истите да ги достави до Владата, за седницата што ќе се одржи на 21 март 2020 година (сабота).

Владата го задолжи д-р Венко Филипче, министер за здравство, да определи двајца епидемиолози што ќе присуствуваат на седницата на Влада, со цел да ги образложат предложените мерки и препораки на членовите на Владата.

2. Се задолжуваат Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија да направат детален оперативен план за спроведување на најстроги рестриктивни мерки што ќе ги преземе Владата, со цел спречување, внесување и ширење на коронавирусот COVID – 19.

3. Се задолжуваат Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија, во рамките на нивните надлежности, веднаш да пристапат кон спроведувањето на досегашните донесени мерки и препораки од страна на Владата.

4. Сите лица што не ја почитуваат мерката за самоизолација да бидат спроведени во државен карантин и против истите да биде поведена соодветна постапка, трошоците за време на престојот во државен карантин ќе бидат на товар на лицата што не ја почитувале оваа мерка.

За ова, се задолжува Министерството за правда, во соработка со Министерство за здравство да подготви соодветна уредба со законска сила во која правно ќе ја нормира целокупната постапка за спроведување во државен карантин.

5. Се задолжува Мила Царовска, заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, во соработка со Министерството за економија и Министерството за правда, да подготват уредба со законска сила во која правно ќе ги нормираат надлежностите на сите инспекторати и инспектори (надлежностите од инспекторите во Државниот пазарен инспекторат да бидат пренесени на сите инспекциски служби).

На предлог на м-р Горан Сугарески, министер за транспорт и врски, Владата заклучи да се измени Заклучокот под реден број 5 од Дваесеттата седница на Владата, одржана на 16 март 2020 година и да гласи:

– Професионалните возачи на товарните возила кои влегуваат и излегуваат од Република Северна Македонија, а кои не поседуваат дозволи издадени од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, да бидат пропуштени на граничните премини при влез и излез, но истите се должни да ја обезбедат и приложат дозволата не подоцна од 24 март 2020 година.

– Се задолжува Министерството за транспорт и врски да достави документ во ексел верзија кој го располага за вкупно издадените сертификати на професионалните возачи за учество во меѓународен патен сообраќај до Министерството за внатрешни работи. Лицата наведени во овој документ задолжително поседуваат важечки сертификат за учество во меѓународен патен сообраќај издаден од Министерството за транспорт и врски, со цел истите да не подлежат на полициски проверки за постапување по изјавата за самоизолација.

На оваа седница беше разгледана и информацијата на Министерството за надворешни работи за бројот на наши државјани кои оваа ситуација ги затекна во други држави. За да им се обезбеди можност да се вратат во земјата, Владата ги задолжи Министерството за надворешни работи и Министерството за транспорт и врски да подготват посебен план за хуманитарни летови, а нивна законска обврска ќе биде кога ќе се вратат да прифатат дека ќе мора да поминат соодветен број денови во карантински услови за нивна и за безбедност на сите останати граѓани.

Владата ја разгледа Информацијата за активностите за справување со затекнатите државјани на Република Северна Македонија во странство, со Предлог – одлука, ја усвои Информацијата и го донесе новиот текст на Одлуката за спроведување на задолжителен државен карантин на државјаните на Република Северна Македонија вратени од странство со хуманитарни летови.

По овој повод Владата ги донесе следниве заклучоци:

1. Владата формира работна координативна група, со која да раководи д-р Драги Рашковски, генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија и во состав: Пеце Мирчески, директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија и претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски и Министерството за надворешни работи, со цел обезбедување на логистичка поддршка и операционализирање на Одлуката за спроведување на задолжителен државен карантин на државјаните на Република Северна Македонија вратени од странство со хуманитарни летови и условите на преземање и транспорт на лицата до објектите во кои ќе бидат сместени овие лица во државен карантин.

2. Плаќањето на авионската карта за организираниот лет ќе биде на товар на патникот, додека трошоците за сместување, транспорт од аеродром и храна ќе бидат на товар на Буџетот на Република Северна Македонија.

3. Објектите кои ќе бидат определени за државен карантин да бидат обезбедувани од страна на припадниците на Министерството за внатрешни работи и припадниците на Армијата на Република Северна Македонија (секој кат од објектот, секој влез и излез на објектот и просторот околу објектот).

4. Периодот во кој овие лица ќе бидат сместени во државен карантин да биде најмалку 15 дена, веднаш по нивното слетување.

5. Лицата кои ќе бидат сместени во државен карантин да бидат по едно до две лица во просторија.

6. Храната за овие лица да се дистрибуира директно до просториите, а хигиената во истите да ја одржуваат сами.

За ова, доколку е потребно, се задолжуваат Министерството за надворешни работи, Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда да подготват предлог – уредба со законска сила во која правно ќе се нормираат овие заклучоци.

Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи на секое лице кое ќе ги напушти границите на Република Северна Македонија да му даде да потпише лична изјава дека излегува од државата на своја одговорност и дека е запознаен дека поради пандемијата со коронавирусот голем број земји ги затворија границите и дека е отежнато движењето во странство, заради што државните органи на Република Северна Македонија не можат да гарантираат навремена помош за враќање во земјата.

На синоќешната седница на Владата донесе одлука за замрзнување на цените на лимон, портокал, мандарина и грејпфрут и клементините, и определи дека највисоката трговска маржа на овие производи ќе биде таа која што се применувала до 11 март 2020 година кога од страна на Светската здравствена организација (СЗО) беше прогласена пандемија на коронавирусот.

Владата на Република Северна Македонија донесе одлуки важноста на патните исправи и за личните карти, чиј рок на важење е истечен да се продолжи за време на траење на вонредната состојба.

Владата донесе одлука важноста на возачките дозволи чиј рок на важење е истечен да се продолжи за време на траење на вонредната состојба, а сите процесни дејствија за спроведување на обуките за оспособување на кандидат за возач во авто школите и за спроведување на возачкиот испит на кандидатот за возач во испитните центри, како и роковите на важење на документите што согласно закон се утврдени за спроведување на обуките, односно испитите, да се прекинат, односно да се суспендираат за време на траење на вонредната состојба.

На седницата се донесени и уредбите со законска сила, со кои полагањето на стручниот испит за проценувач, како и полагањето на испитот за стекнување на овластување за овластен геодет, се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба.

На оваа седница Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од редизајнирање на Кредитната линија од Посебниот кредитен фонд (ПКФ) и Кредитната линија за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија со цел ставање на истите во функција на намалување на последиците од коронавирусот COVID-19, и го усвои текстот на Предлог-Анекс кон договор за администрирање на Посебен кредитен фонд и ја овластува д-р Нина Ангеловска, Министер за финансии, во име на Владата да го склучи Анекс-договорот со Развојна банка на Северна Македонија во насока ставање на средства во износ од 276.750.000 денари (4,5 милиони евра) во функција на намалување на последиците по економијата од Корона вирусот COVID-19.

Во врска со ова Владата го усвои текстот на Предлог-Анекс кон договор за воспоставување на кредитна линија за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија и ја овластува д-р Нина Ангеловска, Министер за финансии, во име на Владата да го склучи Анекс-договорот со Развојна банка на Северна Македонија во насока ставање на средства во износ од 61.500.000 денари (1 милион евра) во функција на намалување на последиците по економијата од Корона вирусот COVID-19, и ја задолжи Развојната банка на Северна Македонија да ги преземе сите неопходни чекори за оперативно да постапи по заклучокот.

На седницата е разгледана и усвоена информацијата за извршени инспекциски надзори во периодот од 16-18 март.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршил вкупно 79 надзори. Констатирано е дека јавните превозници кај кои беше извршена контрола одржуваат високо ниво на хигиена, согласно обврската која им беше доделена. Во однос на контролата при влез на патници на скопскиот аеродром и граничните премини додека беа отворени, констатирано е дека сите патници пополнуваа писмена изјава со која под полна морална, материјална и кривична одговорност се обврзуваат да останат во самоизолација, а за истото им се издаваше и писмена наредба.

Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) во истиот период изврши вкупно 17 вонредни инспекциски контроли, при што е констатирано дека сите зголемени цени кај аптеките се должат на зголемената набавна цена на производите.

Државниот пазарен инспекторат извршил вкупно 8.200 надзори во извештајниот период. Констатирано е дека нема покачување на цените на производите во маркетите, а најголем дел од правните субјекти ги почитуваат мерките на Владата на РСМ во однос на забраната или начинот и времето на работење.

Од страна на инспекциските служби се затворени 6 угостителски објекти во Скопје, 3 во Тетово, по 2 во Битола и Гостивар и еден во Куманово.

Државниот инспекторат за транспорт констатира дека меѓуопштинскиот сообраќај се одвива со намален интензитет од 68-80% и се уште се редуцира од страна на превозниците, а меѓународниот линиски превоз на патници е во целосен прекин.

Во однос на правата од работниот однос, Државниот инспекторат за труд реализираше вкупно 573 контроли во претходните три дена, при што се донесени 5 решенија и 26 укажувања за работодавачите кои не постапиле по препораките на Владата.

Translate »