Човекот ги прави парите, а не парите човекот!
Си седат двајца наши реномирани доктори, познати имиња во својата фела, вработени во еминентна приватна клиника, и едниот му вели на другиот, “влече паричка, пријател, не можеш да сопреш, уште и уште до каде е крајот….операција, по операција..нема крај…немаме работно време, сабота, недела, се трудиш што повеќе да работиш, за себе, а и за да те почитуваат во средината, да бидеш пример за другите. Купивме скапи автомобили, направивме раскошни куќи, викендички, направивме многу пари за македонски услови, се прашувам кога ќе биде доста?!
Зошто ги сакаме парите?!Затоа што ни овозможуваат многу работи, остварување на нашите соништа, а со парите доаѓа и моќта. Но најчесто трчајќи по нив знаеме да изгубиме и дел од себе. Некако со нив не одат човечноста или добрината! Или како што вели народната поговорка, “Човекот ги прави парите, но не и парите човекот”!
Која е цената на заработените пари? Дали тие ќе не направат подобри во туѓите очи.
Тие може само да те украсат, но не и да те направат нешто што не си. Вистина е дека убавата облека секаде влегува прва, но карактерот на човекот е она што ќе направи и да те испратат убаво!. Човек е оној кој се држи до ветеното, кој не лаже, не малтретира други луѓе за тој да има повеќе. Дали во претходните зборови може да препознаете особини на некој газда? Ретко!
Секогаш кога ќе се споменат парите, има некои работи кои се безвременски , а тоа се алчноста , површноста и лошотијата. Сите се сеќаваат на легендарната драма на Ристо Крле “Парите се отепувачка”. Само да ве потсетам во драмата се раскажува за една случка во с.Аларуп каде родителите не препознавајќи го својот син Ангеле, кој полн со пари се враќа од Америка и ноќева во нивниот дом. Тие го убиваат мислејќи дека е туѓинец кој нечесно ги заработил парите. Трагедијата станува поголема кога ќе дознаат дека всушност убиениот печалбар е нивниот роден син, мајката умира од инфаркт, а таткото се самоубива, прободувајќи се со нож во срцето. Тие пусти пари му пресудија на момчето, а и на неговите родители.
Неверојатно е колку парите ги детерминираат нашите одлуки и живот! Можеби примерот од драмата на Крле е екстремен случај, но и денеска немањето пари, ги прави луѓето очајни и спремни на работи кои во друга ситуација не би ги правеле. Богатите се одлучуваат да се дружат само со луѓе кои имаат пари исто како нив, да ги ценат другите според облеката која ја носат….а не според тоа какви всушност се самите луѓе. И затоа луѓето полесно се разочаруваат, бидејќи не градат релации на здрави и искрени односи.
Во трката по пари секогаш трпат најблиските. Позната е и приказната за човекот кој по неколку неделно деноноќно работење се враќа дома, а на вратата му отвора неговиот син, кој не препознавајќи го својот татко, вика по својата мајка, Мамо, мамо еден чичко дојде на врата! Што ќе ти се пари, ако си изгубил скапоцени моменти со своето дете! Што ќе ти се пари ако не го живееш животот..
За жал повеќето, парите не влечат. Не знаеме колку ни се доволно..дали ќе можеме некогаш да речеме е сега е доста, од сега па натаму ќе работам минимално, нема да се форсирам, нема да си поставував високи материјални цели, време е малку да подзастанам… ќе треба ли да добиеме инфаркт, или пак нешто лошо да се случи за да не освести!