Граѓаните преку онлајн петиција бараат евтина тарифа на струјата
Над 30 илјади граѓани веќе ја потпишаа онлајн петицијата со која се бара воведување на единствена евтина тарифа за потрошувачка на електрична енергија во текот на целиот ден. Ова барање произлегува од тоа што се поголем број на граѓани се во домашен карантин и самоизолација, па така се очекува и сметките за струја да бидат повисоки од вообичаеното.
„Задолжителноста на самоизолацијата, подразбира задолжително останување дома во текот на речиси целото деноноќие. Тоа значи повисоки режиски трошоци (повисоки сметки за струја, вода, греење итн.). Сето ова во ситуација кога граѓаните остануваат без работа поради затворањето на голем дел субјектите од производствените дејности и сите услужни дејности. Сето ова во ситуација кога сосема е за очекување да има семејства без ниту еден вработен во периодот кој престои… Затоа бараме од владата вонредната состојба да ја искористи преку донесување низа уредби со законска сила за помош на населението преку социјални трансфери. Но, пред да се донесат истите, неопходни се итни мерки кои треба да се донесат веднаш! Во прв ред тоа е воведување ефтина тарифа за струјата во текот на целото деноноќие, а со цел да се спречи негативниот економски ефект на самоизолацијата – зголемени износи на сметките за струја.
Сметаме дека оваа мерка може да се донесе веднаш“, се наведува во барањето на онлајн петицијата.
Петицијата за воведување на единствена евтина тарифа на струја може да ја потпишете на следниот линк, а во меѓувреме се очекува одговор од надлежните институции и операторите на електрична енергија.