Филипче најави мобилно тестирање на граѓаните за коронавирус
Од следната недела во неколку градови во Македонија ќе се спроведува мобилно тестирање на граѓаните за коронавирус, најави министерот Венко Филипче.
– Подготовките траеја во текот на изминативе денови и во текот на викендот ќе се селектираат уште пошироки групи согласно епидемиолозите и тоа во подрачје и градови во кои сметаме дека тоа треба да се аплицира, ќе се направат – рече Филипче.
Во текот на следните два дена ќе се тестираат и сите граѓани кои беа затекнати во околината на Дебар бидејќи поминат е 14-дневниот карантин. После тестирањето, ќе се знае дали може да бидат пуштени во градовите во кои што живеат, информираше министерот.
Во текот на вчерашниот ден позитивен на тестот е и прв пациент од Тетово. На новинарско прашање дали Заводот за рехабилитација во Скопје ќе биде ставен под карантин со оглед на тоа што пациентот две недели бил таму Филипче изјави дека пациентот бил неподвижен, а тестирани се сите лекари и пациенти кои биле во контакт со него.
– Се прават сите неопходни анкети со сите медицински лица и други со кои овој пациент бил во контакт. Контактирани се и десетина членови од неговото семејство. Како ќе се постапи со Заводот за рехабилитација ќе зависи од резултатите на тестирањата на персоналот. Таму бројот на пациентите е намален на 40 – рече Филипче.
Министерството за здравство денеска информира дека во изминатите 24 часа се регистрирани 24 нови случаи на коронавирус во земјата. По градови: Скопје (15), Куманово (4), Дебар (2), Охрид (1), Штип (1), Тетово (1). Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 денеска до 12.00 часот изнесува 201 лице.