СЗО: Опасно е да се мисли дека се приближуваме до крајот на пандемијата
Светската здравствена организација (СЗО) денеска предупреди дека пандемијата на коронавирус и натаму е опасна за Европа, односно дека малото снижување на бројот на регистрирани инфекции и смртни случаи е сè уште „на стаклени нозе“.
„Опасно е да се мисли дека се приближуваме до крајот на епидемијата. Вирусот не остава простор за грешка, како и лажно чувство дека сме постигнале нешто. Секоја промена во нашата стратегија, како и попуштање во мерките за безбедност, бара сериозно размислување“, вели регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуж.
Тој на прес-конференција предупреди дека иако бројот на починати во земјите под тежок удар на вирусот, како што се Италија и Шпанија, опаѓа, сега не е време да се опуштиме.
Седум од 10 земји со најголем број заразени луѓе на светско ниво се во Европа.
Според последните податоци, 687.236 се инфицирани на европскиот континент со 52.824 смрнтни случаи.