Истражување: Ковид-19 може да остане скриен во белите дробови на излекуваните

Пациентите кои се излекувале од  вирусот Ковид-19 и се отпуштени од болница може да носат честички од коронавирусот длабоко во нивните бели дробови. Според истражување на кинески специјалисти во Хонгконг, во таков случај не може да се открие инфекцијата со вообичаените тестови.

Ова може да даде одговор на прашањето зошто некои оздравени пациенти повторно се заразуваат, објави хонгконшкиот весник „Саут Чајна Морнинг Пост“, во кој се цитираат резултатите од истражувањето.

„Нашата работа е првиот доказ во областа на патологијата за остатоци од вирусот во белите дробови на пациент кој трипати бил тестиран негативно“, велат научниците од тимот предводен од доктор Бјан Сиу од Универзитетот за воена медицина Чунцин.

Тие анализирале 78-годишна пациентка која била хоспитализирана со Ковид-19 и била подложена на третман, по што три последователни тестови откриле дека таа не е носител на коронавирус. Компјутерската томографија покажала значително подобрување на нејзината состојба, но неочекувано следниот ден жената починала од срцев удар.

Потоа, под електронски микроскоп биле откриени честички на коронавирусот во длабоките ткива на нејзините бели дробови. Во црниот дроб, срцето, бубрезите и коскената срцевина не се пронајдени такво ткива.

Кинеските научници, кои ги објавиле резултатите од нивното истражување, откриле дека скриените видови на вирусот во белите дробови не предизвикуваат никакви симптоми. 

Translate »