Се отвораат продавниците и фризерските салони, децата се враќаат на училиште во повеќе земји…

Ширум светот како последица на коронавирусот починаа повеќе од 250 илјади луѓе, но светот полека веќе започна да се враќа во нормала.

Најмалку 12 земји, вклучувајќи ги Германија, Италија и Шпанија веќе започнаа да ги ублажуваат мерките донесени со цел да се спречи ширењето на коронавирусот. Во Германија дел од учениците се вратија на школските клупи, а во земјата од вчера се отворени зоолошките градини, музеите и фризерските салони.

Шпанија исто така постепено се враќа во нормала така што најпрвин властите дадоа дозвола за отворање на малите продавници и фризерските салони. Франција се подготвува за ублажување на рестрикциите од 11-ти мај.

Сепак, властите од земјите во Европа ги предупредија своите граѓани да одржуваат социјална дистанца, во спротивно, доколку повторно се појави жариште, ќе мора повторно да воведат карантин.

После 42 дена и луѓето во соседна Грција можат да излегуваат од дома без потврда, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се обрати до нацијата и порача дека веќе секој може да излегува колку што сака и кога ќе посака.

Од коронавирусот досега ширум светот починаа над 250 илјади лица, а бројот на заразени надмина 3,6 милиони. Според податоците на “Worldometers”, досега од вирусот се опоравени 1,2 милиони лица. Во Македонија има регистрирано 1,518 случаи од кои 85 пациенти починаа, а 992 во меѓувреме успеаа да се изборат со болеста.

Translate »