ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕТЕ ДОКОЛКУ ПЛАНИРАТЕ ОДМОР ВО ГРЦИЈА?
Грчкиот министер за туризам изјави дека сите туристи кои планираат да ја посетат Грција ова лето, откако сезоната ќе започне на 1 јули, мора да бидат тестирани за коронавирус пред да се качат во авионот.
„Идејата е да се изврши инспекција во земјата на поаѓање, така што луѓето кои веќе се во авионот се чувствуваат безбедно што другите патници се тестирани и се негативни за коронавирусот“, рече грчкиот министер Харис Теохарис за германскиот „ФАЗ“.
Забележувајќи дека епидемиолозите сè уште не донеле конечна одлука, грчкиот министер истакнал дека „луѓето мора да бидат во можност да се одморат и да не се прашуваат секогаш на плажа каква е стапката на инфекција во земјата од која доаѓа турист кој седи во нивна близина“.
Во моментот, како што истакнува германскиот весник, тестовите понудени за вирусот на аеродромот во Виена, на пример, чинеле 190 евра.
Едно семејство од четворица би требало да биде подготвено да плати и дополнителни 1.500 евра покрај трошоците за одмор, доколку бидат принудени да поминат низ уште еден тест на враќање, за да избегнат карантин од 14 дена во нивната земја.
Теохарис призна дека овој дополнителен трошок може да биде клучен за повеќето да одлучат да не доаѓаат во Грција на крајот на краиштата, но изрази надеж дека тестовите кои чинат само 10 евра по човек може да бидат достапни до јули.
„Се вложуваат огромни ресурси за да се направат тестовите поевтини и полесни за пристап“, нагласи грчкиот министер, пренесува порталот Б92.